Просечната оценка на социјалната вклученост на младите на локално ниво изнесува 41 отсто, а како највисоко рангирана општина во земјава е Општината Охрид. Ова го посочуваат резултатите од анализата „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ изготвена од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Анализата ги рангира општините според нивните перформанси во поддршка на вклученоста и еднаквоста на младите и служи како алатка за идентификување на области што бараат подобрување и за истакнување на успешни практики што може да се реплицираат во други општини.

За оваа анализа, се посочува, беа развиени сет на индикатори, распоредени во четири групи на интерес, како и начин на следење и прибирање на информации за истите. Во истражувањето беа опфатени сите 80 општини во државата, а како пријателски општини покрај Охрид се квалификуваат и општините Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија.

-Од истражените четири области, општините најдобро се покажаа во пристапот до услуги, каде 40 проценти од општините се рангирани како добри и одлични, со Охрид, Велес, Битола, Струмица и Гостивар како највисоко рангирани. Во однос на пристапот до информации, 31 отсто од општините се одлични, а најдобри се Кисела Вода, Охрид, Берово, Зрновци и Дојран. Што се однесува до вклучувањето на младите во јавни политики, само 4 отсто од општините, како Охрид, Зелениково и Тетово, се одлични. Во однос на формирање младински совети, само 16 проценти од општините имаат функционални совети, вклучувајќи ги Теарце, Зелениково, Гостивар, Лозово и Гевгелија, наведуваат од НМСМ.

Анализата на младинското учество на локално ниво, се додава, покажува значителни предизвици во исполнувањето на законските обврски од Законот за младинско учество и младински политики, како и во имплементацијата на мерките предвидени со Националната стратегија за млади.

-И покрај утврдените рокови, многу општини ги исполнуваат овие обврски само делумно или воопшто не ги исполнуваат. Суштинското вклучување во креирањето на јавните политики е реткост. Дополнително, општините ретко ги таргетираат младите како посебна целна група, а комуникациските канали не се прилагодени на нивните потреби. Финансиската поддршка за младите, пак, најчесто се фокусира на спортски клубови, стипендии за млади и слични видови на финансирање и поддршка на младите, стои во анализата.

Анализата на младинското учество на локално ниво открива потреба од значајни промени за подобрување на вклучувањето на младите. Препораките вклучуваат: назначување на службеници за млади со посебен фокус на младинските прашања, развивање на иновативни алатки за младинско учество и подобрување на пристапот до постојните алатки за граѓанско учество. Општините треба да планираат буџетски средства за поддршка на младите и создадат младински центри, при подготовка на буџетите да планираат проекти и средства за поддршка на младите, да ја исполнат својата обврска од 0,1 отсто од буџетот на општината да биде наменет за младински прашања.

Воведувањето на дигитални алатки и подобрување на соработката со граѓанските организации се исто така клучни за ефективно младинско учество, посочуваат од НМСМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2024 20:12