Свечено и во прекрасна духовна атмосфера течат последните подготовки за чествувањето на двата претстојни големи христијански празници што ќе се прославуваат и во храмовите на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.

Според информациите од митрополитот кумановско-осоговски, г. Григориј, со утрешната света божествена литургија во чест на празнувањето на Успението на Богомајката, ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски, г.г.Стефан заедно со повеќе архијереи од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и архијереи од сеседните православни цркви - бугарската и српската.

-Она што ќе следува по големата свечена литургија за верниот народ е поставувањето камен-темелник на некогашниот конак, најстариот конак што постоел во овој манастирски комплекс, конакот „Бини“ кој, според нашите податоци, е урнат во 18 век. Но не постојат детали или конкретни списи за тоа, така што ние со сопствени средства, без егзогени приходи, ќе извршиме обнова на овој конак. МПЦ-ОА, Кумановско-осоговска епархија има изработено проект за изградбата на конакот што ќе послужи за потребите на монашкиот живот во манастирот, изјави митрополитот г.Григориј.

Владиката Григориј рече дека како и секоја година, групи верници од разни краишта веќе интензивно се сместуваат во манастирските конаци и се подготвуваат за чествувањето на празниците утре и задутре односно Успение на Пресвета Богородица и Свети Јоаким Осоговски - патронот светец на манастирот.

Во двата храма на манастирот, посветени на Богомајката Пресвета Богородица и свети Јоаким Осоговски, ќе се чествуваат 28 и 29 август, кога се очекува река верници од сите краишта од земјава и регионот да пристигнат и да се помолат на светителите.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2024 21:28