Под слоганот „Немој да уништуваш“ градоначалникот на Општина Велес Марко Колев денеска упати апел до младите да не ги уништуваат реконструираните спортски терени во градот и детските игралишта и урбаната опрема.

Тој потенцира дека изминатите повеќе од две години Општина Велес интензивно работи на реконструкција на речиси сите спортски терени и детски игралишта во градот.

-За жал, она што разочарува е негрижата на младите генерации кои во вечерните часеви дивеат и уништуваат. Сведоци сме на секојдневно вандалско однесување, возење со велосипеди и мотори по тартан патеките и спортските терени, повеќе лица качени на лулашка за едно лице, скокање и удирање по клупите и останатата урбана опрема, поради што дел од новите игралишта се веќе оштетени, појасни Колев.

Тој ги охрабри младите да бидат пример за оние кои се однесуваат погрешно, а возрасните да разговараат со своите деца и да ги советуваат.

- Апелираме за свест и разум да не се уништува она што е направено со народни пари, а секој што ќе примети вакво вандалско однесување да пријави до надлежните институции.Заедно да се грижиме и да се однесуваме одговорно кон околината во која живееме, порачува градоначалникот Колев.

Најави поставување камери на сите спортски терени во градот, а на две-три спортски терени пред неколку месеци камери веќе се поставени.

Воедно загрижувачки е што на некои од реновираните спортски терени како на пример во Населбата Тунел во новиот дел на градот пред месец се поставени и веќе се искршени новопоставените камери за надзоз.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2024 23:02