Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски од советниците доби согласност за потпишување на договорот и следните две години да се дава финансиска поддршка на Еурофарм Пелистер.

Почнувајќи од натпреварувачката сезона 2024/25, во наредните две натпреварувачки сезони Општина Битола ќе обезбедува по 18 милиони денари по сезона, наместо досегашните 15 милиони.

Првиот човек на РК Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, на средбата со градоначалникот Коњановски, се заблагодари за досегашната поддршка.

- После 18 години титулата повторно се врати во најракометниот град во нашата држава. Втората година после освојувањето на титулата успехот го повторивме, бевме конкурентни за сите трофеи во нашата држава, веќе во нашите витрини од поново време ги имаме сите освоени трофеи. Ланската година ја имавме Лигата на шампиони, оваа година повторно сме дел од тоа елитно натпреварување, несомнено мислам дека ќе имаме далеку поголем успех и подобро претставување во ова натпреварување. Треба сите да бидеме задоволни и горди, затоа што ова навистина е еден проект кој заслужува особено внимание и којшто треба да биде прототип на начин на соработка на локалната самоуправа и спортските клубови и приватните спонзори, истакна Стерјев.

Градоначалникот Коњановски нагласи дека постигнатите резултати во досегашниот период се навистина големи, а Битола никогаш претходно не била пообединета, како сега во спортот.

- Повторно една успешна приказна ја продолжуваме и како што кажа и претседателот ова треба да биде пример за соработка. Не чека месец септември, исполнет со многу активности, спортски натпревари, започнуваме со натпреварите и во Лигата на шампиони и во првенството. Се надевам дека годините кои следат ќе бидат исполнети со уште поголеми успеси и голема радост на трибините“, рече градоначалникот Коњановски.

Еурофарм Пелистер во пресрет на почетокот на новата сезона, го освои трофејот на Струшкиот ракометен турнир.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2024 23:22