Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посети Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ односно т.н. Езерска полиција, при Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде што имаше работна средба со раководството на оваа организациска единица при МВР, на која беше брифиран за сите преземени мерки и активности особено во периодот на летната туристичка сезона.

„Оваа година од страна на полициските службеници се одземени 450 мрежи кои се во должина од над 27 километри, со кои што се врши незаконски риболов, кои во иднина ќе бидат уништени. Ова го потенцираме бидејќи сузбивањето на еколошкиот криминал ќе биде наш голем фокус во иднина, бидејќи и во препораките кои што ги добиваме од Европската Унија, една од важните цели на кои што треба да се посветиме е борбата против еколошкиот криминал. Со идната систематизација во рамките на МВР ќе предвидиме и посебно одделение кое што во рамки на Одделот за организиран криминал ќе постапува со фокус на ова кривично дело“, истакна министерот Тошковски.

Министерот Тошковски ја посети и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Охрид. Сообраќајните незгоди со човечки жртви на територија на Охрид се намалени за 50% во однос на минатата година. Министерот Тошковски нагласи дека во иднина интензивно ќе продолжи вложувањето во човечки и технички ресурси со цел борба со сообраќајниот хаос, како на територија на Охрид, така и во целата држава.

Министерот Тошковски се сретна и со четворицата полициски службеници од Србија, чиј ангажман беше договорен со министерот за внатрешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ, со цел унапредување на заедничката соработка на двете полиции и одржувањето на безбедноста во Охрид, каде во туристичката сезона има многу туристи од Србија.

„Огромна благодарност до полициските службеници за нивниот ангажман во Охрид. Нивниот ангажман овде бил исклучително професионален и, за среќа, немало потреба од посериозен ангажман. Ова е добра практика, годинава тие беа околу две седмици, а од другата година планираме да ја опфатиме целата сезона. Во Струга заклучно со вчера имавме и полициски службеници од Република Албанија, кои беа тука во период од два месеци и исто така сме исклучително задоволни од нивниот ангажман и соработката. Оваа соработка која што ја имаме со нашите соседи се покажува како исклучително успешна. Имаме наши полициски службеници во Црна Гора, сме имале и во Хрватска и ваквата пракса сакаме да продолжи и во иднина во рамките на целокупната туристичка сезона“, нагласи министерот Тошковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2024 04:12