Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, пратениците Жаклина Пешевска, Зоран Коцевски и Дијана Илиевска присуствуваа на пречекот на првачињата во ООУ Стив Наумов во Автокоманда.
По завршување на пречекот на првачињата, градоначалникот Стефковски, премиерот Мицкоски и министерката Јаневска ги доделија бесплатните училишни униформи кои општина Гази Баба ги обезбедува за сите 6800 ученици, проект вреден 14.000.000 денари.
За посетата, градоначалникот Стефковски објави на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:
Среќно првачиња!
На сите ученици и наставници да Ви го честитам почетокот на новата учебна година и Ви посакувам успех во учењето и работата.
Утрово заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, пратениците, советниците и голем број родители бевме во општинското основно училиште Стив Наумов.
Мојата порака до учениците е: образованието е едно долго патување. Другарувајте со книгите, бидејќи тие ќе Ви помогнат да стекнете нови знаења.
На ова долго патување не заборавајте да другарувате помеѓу себе, бидејќи зад училишните клупи ќе го поминете најубавиот период од својот живот.
Мојата порака до наставниците е: бидете креативни во работата бидејќи вие сте клучот за квалитетното образование на нашите деца.
Бидете поддршка, инспирација и поттик на учениците за заедно да создадеме силни индивидуи кои утре ќе бидат движечка сила на општината и државата.
Мојата порака до родителите е: бидете без грижа, Вашите најмили ги оставате во рацете на искусни просветни работници кои зад себе имаат создадено генерации на луѓе кои денес имаат различни одговорности во општеството.
Нека е со среќа почетокот на учебната година.
Нека е со среќа почетокот на процесот на образованието на новите првачиња - напиша Стефковски.