Крилниот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Јуниор, изјави денеска дека ФИФА треба да го одземе правото на Шпанија да биде домаќин на Светското првенство во 2030 година, доколку расизмот во земјата не биде искоренет.

„Имаме доволно време до 2030 година за сè да се промени на подобро. Се надевам дека во Шпанија луѓето сфаќаат колку е сериозно да се навредува некого поради бојата на неговата кожа. Мислам дека ако ситуацијата остане иста до 2030 година, тогаш ќе мора да го смениме местото на одржување на Светското првенство. Играчите нема да се чувствуваат удобно и безбедно во земја каде што може да страдаат од расизам“, изјави Винисиус, цитиран од Си-Ен-Ен.

Од доаѓањето во Шпанија, бразилскиот фудбалер често пати беше цел на расистички напади поради бојата на неговата кожа.

Светското првенство во 2030 година е предвидено да се одржи во Шпанија, Португалија, Мароко, како и во Аргентина, Парагвај и Уругвај.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2024 20:26