Нотите на чалгиската музика вчеравечер беа во центарот на збиднувањата во Ѓорче Петров. Чалгискиот концерт кој се одржа во паркот на популарното „Корзо“, остави само позитивни емоции и посебни моменти за присутните.
„Ај засвирете ми чалгии“ и „По друм одам мајче“ беа само дел од безвременските хитови во изведба на групата „Чалгии“ .
Истовремено со музичкиот настан, граѓаните имаа можност да ја погледнат изложбата на "ЗГ Порака Неготино – Неготино“ насловена "Сите сме исти". Изложен беше рециклиран отпад кој одлично го искористиле во добри цели со јасна порака - лицата со хендикеп може да бидат активни чинители во подигнување на јавната свет за зачувување на животната средина преку еко -активности.
Со оро и чалгии, успешна изложба, убава храна и позитивни впечатоци, заврши уште еден културно-забавен настан по повод Денови на Општина Ѓорче Петров кои ќе траат до 20 септември и ќе завршат на истиот ден со централна манифестација.
Викендот ќе биде резервиран за филмскиот караван „Кино на отворено“. Вечерва, доколку дозволат временските услови, на мултифункционалното игралиште во Даме Груев ќе биде прикажан првиот македонски игран филм за деца „Стела“ од 19.30 часот.
Во сабота од 19.30 часот, продолжуваме со уште една кино проекција на отворено на игралишето на ул.„Социјалистичка зора“ со прикажување на филмот „Ах љубов моја“.
Денот на независноста на Република Македонија, односно 8 септември, ќе биде одбележан во знакот на спортските манифестации. Во недела од 19 часот ќе започне турнирот во мал фудбал на мултифункционалното игралиште во Даме Груев.