Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека исламските земји треба да формираат сојуз против „растечката закана од експанзионизмот“ што доаѓа од Израел.

Неговиот коментар дојде откако палестински и турски функционери изјавија дека израелските сили убиле жена со турско-американско потекло, која вчера учествувала во протест против ширењето на населбите на Западниот Брег.

- Единствениот чекор што ќе ја запре израелската ароганција, израелскиот варваризам и израелскиот државен тероризам е сојуз на исламските земји, рече Ердоган на состанок на здружението на исламски училишта близу Истанбул.

Тој истакна дека неодамнешните потези на Турција за подобрување на односите со Египет и Сирија се насочени кон „формирање на линија на солидарност против се поголемата закана од експанзионизам“, за кој тврди дека претставува закана и за Либан и Сирија.

Ердоган претходно оваа недела во Анкара беше домаќин на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси. Разговараа за војната во Газа и начини за подобрување на долго замрзнатите врски меѓу двете земји во рамките на првата таква претседателска посета по 12 години.

Затегнатите односи меѓу двете земји почнаа да се подобруваат во 2020 година, кога Турција започна дипломатски напори за ублажување на тензиите со оддалечените регионални ривали, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

Ердоган во јули изјави дека Турција „во секое време“ ќе упати повик до сирискиот претседател Башар ал-Асад за можни разговори за обновување на односите меѓу двете соседни земји, кои ги прекинаа врските во 2011 година по избувнувањето на сириската граѓанска војна.

Израелската војска, по вчерашниот инцидент, објави дека ги проучува извештаите според кои странска државјанка „била убиена во престрелка во таа област“. Ал Џезира денеска јави дека според наодите на обдукцијата, жената била убиена од израелски снајпер.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2024 05:28