„Мала грешка“ е нова меѓународна копродукција на филм која ќе се снима во Македонија во режија на турскиот режисер Ѓокан Тирјаки и директор на фотографија Фејми Даут.

Долгометражниот филм „Мала грешка“ го следи емотивното патување на Селим, успешен градежен инженер кој ја губи својата сакана сопруга во сообраќајна несреќа. Барајќи утеха во неговиот дом од детството, Селим се соочува со болни спомени и нерешена семејна динамика. Како што излегуваат на виделина тајните за неговиот брак, Селим тргнува во потрага по вистината, што го води во конфликт со Угур, човек што го смета за одговорен за неговата трагедија. На крајот, Селим мора да се соочи со вистината дека неговиот животен пад произлегува од низа лични грешки.

Режисерот Тирјаки ќе биде во Македонија од 9 - 15 септември за да ги финализира подготовките за филмот, тесно соработувајќи со локалниот тим.

Долгометражниот филм е во копродукција помеѓу „ПИК“ продукција (Република Северна Македонија), „Ѓокан Тирјаки“ продукција (Турција), „Ротанет“ (Турција) и „Tales Enterprise Ltd“ (Англија).

Снимањето на филмот кое започнува во првата половина од октомври 2024 година ќе се реализира преку конкурсот на Министерството за култура на Република Северна Македонија од 2022 година за финансирање на проекти за производство на долгометражен филм.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2024 05:38