Министерката за образование и наука Весна Јаневска и в.д градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митовски денеска поделија таблети на учениците од четврто одделение во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“. Општината трета година од сопствени средства обезбедува бесплатни таблети на четвртоодделениците. Годинава се поделени 860, а набавката чинела 6 милиони и 400 илјади денари.

Според в.д градоначалникот на Аеродром, таблетите ќе им им помогнат на учениците во реализација на наставата на часовите по информатика, дигитализација, како и за останатата наставна програма.

- Во сите основни училишта на територија на општина Аеродром сите четвртоодделенци добија таблети. Дополнително, како општина набавуваме бесплатни униформи, даваме субвенции од 3.500 денари за секое прваче и на тој начин се обидуваме кај сите подеднакво да помогнеме, односно да инвестираме со цел да го подобриме образовниот процес. За останатите општини не можам да коментирам, можам само да кажам дека Општина Аеродром е прва и единствена општина во Република Македонија која што на сите четвртоодделенци веќе трета година по ред им дели бесплатно таблети, изјави Митовски.

Министерката Јаневска ја поздрави набавката на таблетите во општината и истакна дека со модерна информатичка технологија учениците ќе ги прошират своите знаења со изнаоѓање на нови извори и со обработка на нови теми заедно со нивните наставници.

Оцени дека е е многу важен момент тоа што се обезбедува еднаквост меѓу децата во општината со еднаков пристап до образование. Посочи дека е многу важна и синергијата меѓу централната и локалната власт, односно, како што рече, споделувањето на нашата заедничка визија за спроведување на дигитализација и во образованиот систем.

- Кога постои таа синергија, ефектите што се добиваат и стандардите што се постигнуваат се многу повисоки. Добро почнавме, обезбедивме учебници, направивме промена во концепцијата, веќе се градат градинки, се доградуваат училиштата за да спроведеме едносменска настава заедно со локалната самоуправа и сметам дека ќе продолжиме со исто темпо, изјави Јаневска.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2024 20:10