По налог на Општина Центар, расчистен е напуштениот објект на улица „Владимир Полежиновски“, зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци диво биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата е спроведена со асистенција на МВР, а по пријава на станарите од околните згради. Бездомниците се иселени, а руинираната куќа, претворена во депонија со смет и токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица. На акцијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Жителите му се пожалија дека стравуваат за личната безбедност, но и за своето здравје поради ситуацијата во соседниот објект, кој е потенцијален извор на зарази.

„Инспекторите на Општина Центар и полицијата денеска одлично си ја завршија работата и мислам дека веќе нема место за загриженост. На сопствениците им наложивме да си го средат и исчистат објектот, а ние го расчистивме околниот јавен простор. Сопственикот го загради и влезот на куќата со цел да нема нови упади“, истакна Герасимовски во разговор со граѓаните.

Градоначалникот посочи дека ваквите пропаднати и напуштени куќи, во кои се собираат бездомници и се прават мини депонии не се само грда слика во центарот на градот, туку претставуваат и вистинска опасност за сите жители во околината.

Затоа ги замолуваме сопствениците да бидат совесни, а соседите навремено да пријавуваат за да можеме да реагираме“, порача Герасимовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2024 16:43