Книгата „Паметење, заборавање и други важни нешта“ од современиот македонски политиколог, дипломат и професор д-р Васко Шутаров, деновиве излезе од печат во издание на „Макавеј“. Во изборот текстови од новото издание на Шутаров може да се најдат неговите колумни објавени во последните две години во периодот од август 2022 до август 2024 година.

Препорачувајќи ги колумните на Шутаров, рецензентката на ова издание, новинарката Сребра Ѓорѓијевска, истакнува дека „Шутаров прави спој, амалгам на историските фак­ти, го бележи совремието, ги става работите во контекст, прави па­ра­лели, но отворено и искрено, вметнува и многу лични моменти кои на неговите колумни им даваат топла нишка што читателите се­ко­гаш ја препознаваат и ја поздравуваат“.

Таа се повикува и на она што писателот Бран­ко Цветкоски го рече за неговите први две книги - ко­лум­ни на промоцијата во Гевгелија, во контекст на вербата во културната дипломатија.

-Ккако што од овие две книги на Шутаров зрачи вербата во моќта на човечкиот разбор и на слободниот човечки избор во животот, така зра­чи и вербата во моќта на културата и културната дипломатија со која тој е уверен дека можат да се објаснат и политичките појави и про­цеси што тешко се објаснуваат! А како доктор на политички на­у­ки и како човек што едно време се занимавал со жива политичка прак­тика, уште толку е убеден дека нема добри политички практики без добри културни политики и практики, како ни добри и успешни по­ли­тичари без политичка култура во меѓусебната комуникација, без ува­жување и поклон кон културата, воопшто, ќе наведе Цветкоски.

Васко Шутаров е роден на 9 јуни 1964 година во Кавадарци. Во 1989 година, дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, на насоката по дипломатија. Магистрирал во областа правни науки и применета дипломатија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и докторирал во областа политички науки на истиот универзитет. Неговиот научен интерес ги опфаќа областите политички науки (со посебен интерес за меѓународните политички односи), меѓународни културни односи, јавна, културна и дигитална дипломатија.

Во својата професионална кариера, бил советник во Советот на Општина Гевгелија (2000-2006 година), пратеник во Собранието на Република Македонија (2006-2011 година) а бил и претседател на Комисијата за култура во Собранието на Република Македонија (2009-2011 година). Во периодот од 2009 до 2011 година претседавал со Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија. Од 2011 до 2017 година бил министер-советник во македонската амбасада во Софија, Република Бугарија, и директор на македонскиот културно-информативен Центар во Софија.

Од 2020 година, на Универзитот МИТ предава предмети од областа на дипломатијата, меѓународните односи, меѓународните организации и ЕУ интеграциите. Од октомври 2024 година, стапува на должност директор на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, Република Србија.

Автор е на бројни научни трудови и на книгите: „Јавна и културна дипломатија“ (Панили, 2014); „Публична и културна дипломатия “ (Изида, София, 2016); „Културна дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите наследнички“ („Софија“, Богданци, 2019), „Со зрно сол. И парче локум : карантински колумни и есеи“ (Макавеј, Скопје, 2021), „Кога татковината станува чедо, а вистината - борба! (колумни и есеи)“ (Макавеј, 2022), „Паметење, заборавање и други важни нешта: (колумни август 22’ – август 24’, Макавеј, 2024)

Во периодот од 2019 до денес, редовно објавува колумни за порталот „Република”, наведуваат од издавачката куќа



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2024 18:17