Во Скопје пред неполни четири месеци, културата за првпат стана дел од Управувачката платформа за култура, истражување и иновации, образование и обука за земјите од Западен Балкан. Како претставници на културниот сектор, веруваме дека овој механизам ќе овозможи поефикасна соработка со Европската комисија на оперативно ниво во рамките на спроведувањето на заедничката регионална, но и европска агенда. Овој чин е само уште еден позитивен сигнал за се позначајното место што го добиваат културните и креативните сектори во регионот на Западен Балкан во евроинтегративните процеси, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој денеска во своето обраќање за време на Министерскиот состанок за Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт во Скопје, што се одржува во организација на Делегацијата на Европската Унија, порача дека со овој настан се потврдува континуитетот но и потребата на земјите од Западен Балкан за понатамошна соработка со нашиот стратешки партнер - Европската Унија.

Љутков ја нагласи важноста на оваа управувачка платформа и нејзните досегашни придобивки, како солидна основа за понатамошна надградба на приоритетите на идната соработка на земјите од Западен Балкан во виталните општествени области - науката, истражувањето, иновациите, образованието и културата.

-Чест ми е што токму во Скопје, културата за првпат стана дел од Управувачката платформа. Како претставници на културниот сектор, веруваме дека овој механизам ќе овозможи поефикасна соработка со Европската Комисија на оперативно ниво, во рамките на спроведувањето на заедничката регионална но и европска агенда. Со овој креативен и разновиден потенцијал, тие несомнено ќе придонесат за развојот на националните политики, регионалната соработка и актуелните културни политики на ЕУ, рече Љутков.

Според министерот, не помалку важна придобивка на оваа управувачка платформа е нејзината секторска разновидност, која ќе придонесе за зајакнување на интерсекторската соработка, како многу важен сегмент во спроведување на националните и регионалните политики и политиките на ЕУ.

-Веруваме дека оваа платформа ќе претставува значаен механизам кој ќе овозможи вклучување на сите чинители во овие сектори - културните институции, невладините организации, уметниците, професионалците во релевантните области, академскиот кадар, образовните и научно истражувачките институции, организации. Ваквата партиципативност ќе придонесе за надградување, синхорнизирање и профилирање на приоритетите на земјите од Западен Балкан и јакнење на меѓусебната партнерска соработка, рече Љутков.

Како што посочи, заеднички ќе покажеме дека потенцијалот на културните и креативните сектори е од витално значење за евроинтегративните процеси.

Министерката за обрзование и наука Весна Јаневска во своето обраќање денеска на Министерскиот состанок подвлече дека настанот е одлична можност да се дискутира за изнаоѓање начини за јакнење на единството и меѓусебната соработка, со што областите - иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт, би ги унапредиле преку примена на веќе потврдени добри политики и практики во секоја од земјите на Западен Балкан.

-Ако искрената волја, ентузијазмот и напорите за развој на државите кои ги претставуваме сите што сме тука присутни, продолжиме да ги трансферираме во заеднички акции, тогаш целите полесно ќе ги остваруваме и ќе го направиме регионот попрепознатлив по забрзан раст и конкурентен во глобални размери. Искуствата покажуваат дека ваквите собири организирани под покровителство на ЕУ се секогаш одлична можност за надградба на постоените, и за креирање на нови политики кои треба да ги надминат предизвиците, што се наш заеднички именител. Веруваме во подгинување на проактивноста на регинот во заложбите за образовен научно истражувачки и културолошки развој на светот, рече Јаневска,

Министерот за култура и иновации Балаш Ханко од унгарското претседателство со Советот на Европската Унија смета дека истражувањето и иновации треба да бидат во фокусот на стратешките залагања на ЕУ.

-За да ја зголемиме конкурентноста на ЕУ, истражувањето и иновации ќе ги ставиме во фокусот на нашата агенда наредната година, во текот на нашето претседателство. Постои едно сериозно прашање со кое се соочуваме, а тоа е фрагментацијата на европскиот еко-систем за истражување и иновации. Верувам дека вклученоста на сите земји членки ќе придонесе кон подобрување на состојбите. Соработката меѓу државите на полето на иновациите и истражувањата ќе биде центарот на работењето на земјите од Западен Балкан и на дел од земјите членки, додаде Ханко во своето обраќање на Министерскиот состанок.

Министерски состанок за Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт ќе биде отворен и утре во Скопје. Министрите присутни на состанокот и сите други учесници разговараат за важната улога на Европската истражувачка област и Европската агенда за иновации, во која сите партнери од Западен Балкан се целосно интегрирани, се наведува во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2024 20:32