Прилепчани се силно потресени од големата трагедија во која загинаа тројца нивни сограѓани, медицински лица: Александар Ристески, специјалист радиолог, гинекологот Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска.

Со сочувство за семејствата и тага поради загубените животи и врвни стручњаци, на својата фејсбук страница се огласи болницата „Плодност“ од Битола каде работеа загинатите.

-Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, болница „Плодност“ секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност. Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги, стои во соопштението на Болницата на нејзината фејсбук страница.

Тешката сообраќајна несреќа во која загинаа трите медицински лица се случила 15-тина минути пред 8 часот изутрината при директен судир на патничкото возило „тојота“ со прилепски регистерски таблички во кој беа трите медицински лица и товарен камион со скопски регистерски таблички на магистралниот пат Прилеп-Битола на излезот од градот кај селото Лагово. При силниот удар избил пожар кој прилепската противпожарна единица го гаснеше со пет возила и 12 пожарникари. Во несреќата беше повреден возачот на камионот кој беше префрлен во општата болница во Прилеп.

Увид на местото на несреќата правеше јавен обвинител. Од Јавното обвинителство соопштуваат дека сѐ уште не се познати причините за несреќата, наредена е обдукција, а ќе се испитуваат и примероци од крв и урина од возачот на камионот.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки и товарно возило „волво“ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините, информираат од Јавното обвинителство.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2024 21:59