Идејата на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ е да се поврзуваме и да создаваме пријателства. На младите им е важно да имаат ваков фестивал. Тие сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Пријателствата што се создаваат на фестивалот траат со години, потенцираше директорот на Фестивалот, Дарко Башески.

Фестивалот „Џифони Македонија“ ќе биде отворен вечерва во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио. Станува збор за 12. издание на Фестивалот, а ќе учествуваат повеќе од 450 учесници од осум земји.

-Се радуваме што многу деца пораснаа со нашиот фестивал, продолжуваат да работат на полето на филмот. Почнавме од мал филмски фестивал. Идејата беше да биде само филмски фестивал, но после неколку години, кога видовме какво влијание имаат овие активности, почнавме да осмислуваме како суптилно да влијаеме и работиме на теми кои ги засегаат младите, рече Башески на денешниот брифинг со новинарите.

Тој најави дека оваа година ќе има 15 играни филмови во официјалната конкуренција, и 15 кратки филмови кои што се во конкуренција за награди. Филмови се наменети за млада публика и обработуваат теми кои што ги засегаат младите.

-Целта е по проекции на филмовите, младите да говорат за овие теми и проблеми на дискусиите кои траат вообичаено 45 минути. На пример, ако имаме тема насилство или дискриминација, преку инспирација од филмот и приказната на филмот, да се отворат младите и да говорат за оваа тема. Другиот дел на фестивалот се креативните работилници. Оваа година имаме осум креативни работилници, рече Башески.

Како што посочи, на фестивалот ќе присуствуваат учесници и од другите земји, најмногу од регионот, а од европските земји ќе дојдат учесници од Италија, Романија и Ирска.

-Оваа година од Ирска ни доаѓа режисерка која беше учесник пред две години. Самата се пријави дека сака да дојде со нејзин филм и сака да волонтира. Ова не ни се случува првпат. И претходно многу учесници, посебно од Италија се враќале во Македонија, бидејќи тука воспоставуваат пријателства и се пријавуваат да дојдат како волонтери. Имавме случај со едно момче од Италија, кое што се пријави да биде волонтер и ни кажа дека цело лето го поминал во Македонија, шетал низ цела Македонија со неговите пријатели од Македонија. Оваа пролет имавме и прв „Џифони“ брак. Девојче од Прилеп се омажи со момче од Норвешка, додаде Башески.

Анастасија Јуруковска која е дел од организацијата на фестивалот, на денешниот брифинг посочи дека учествувала на фестивалот од 16 години. Како што рече, младите за време на фестивалот учат за уметноста, но и за тоа како да се движат во заедница, и да не им е страв да го кажат своето мислење.

-Јас од своите 16 години сум дел од фестивалот. Имав можност да искусам и во Италија какво е издание на фестивалот. Мораме да сме во текот со нивните иновации за да можеме и ние да ги примениме во Скопје. Мило ми е што секоја година учесниците имаат желба да се вратат на фестивалот. Учесниците продолжуваат да доаѓаат и како волонтери и сакаат да научат покрај за уметноста, и за тоа како да се движат низ заедница, како да излезат во светот без да бидат осудувани. „Џифони“ ја прави таа енергија да не ти биде страв да го кажеш тоа што сакаш, рече Јуруковска.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерот на филмот „Сонце мамино“, Коста Ѓорѓевиќ, кој и пред неколку години учествуваше на фестивалот со неговиот прв филм. На фестивалот ќе биде и македонскиот режисер Вардан Тозија, чиј филм „М“ ќе биде прикажан во официјалната програма.

И годинава, во соработка со „Пакомак“ ќе се мотивираат младите да бидат што повеќе екоосвестени. Поточно, учесниците на „Џифони“ во грижата за почиста животна средина, ќе ги одлагаат пластичните шишиња во вендинг-машините на „Пакомак“ и преку ЕКОМАК апликацијата ќе собираат поени. Сите собрани поени на учесниците на фестивалот ќе им бидат удвоени, а оној редовен учесник на фестивалот кој ќе собере најмногу поени, како награда ќе добие патување на фестивалот „Џифони“ во Италија.

Фестивалот ќе биде затворен на 8 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории но најважно за учесниците е што ќе се прикажат сите филмови и ќе се изложат сите фотографии, сториборди и цртежи направени од учесниците за време на фестивалот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2024 04:27