Преку едукација на медицинските лица, популацијата и медиумите до зголемување на свесноста за дарување на органи. Ова беше главната порака на денешниот настан по повод Европскиот ден на органодонорството - 7 октомври, што беше одбележан во рамките на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската Унија.

На отворањето на настанот во Кинотека на Македонија, министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека сите здравствени работници имаат заедничка цел за зголемување на свесноста за дарување на органи преку едукација на медицинските лица и на популацијата. Тој потенцираше дека на листата на срце, црн дроб и бубрези, во моменов нема пациенти означени како итни.

- Пораката на овој хуман чин е да допре до пошироката јавност. Огромно е значењето на дарувањето на органи, тоа значи живот за луѓето кои чекаат трансплантација на органи, што претставува шанса за продолжување на нивните животи и шанса за поквалитетен живот на овие пациенти, рече тој.

Министерот информираше за тековните активности што се преземаат во овој домен помеѓу кои ги спомена соработката со Министерството за здравство на Хрватска од каде при нивната посета добивме предлози за подобрување на системот од аспект на законодавство, усогласување со стандардите на ЕУ како и организација на системот.

- Активни се обуки на нашите лекари во делот на детектирање на пациенти со мозочна смрт, разговор со семејството, детекција на пациенти со срцева слабост како и подготовка и следење на пациентите. Во ноември почнува обука за болнички координатори за трансплантација. Нашата заложба е континуирано унапредување на системот, рече тој.

Претставничката на ЕУ во земјава, Марија Канелопулу, на настанот истакна дека Европската Комисија забележала дека е остварен напредок во однос на органодарителството и трансплантацијата во земјава како и напори за уредување на модерни процедури за трансплантирање на крвни плочки.

- Во случајот на Северна Македонија гледаме дека се истражуваат можностите со повеќе европски организации за трансплантација. Оваа област на донација и трансплантација на ткива, коски и органи е првата област каде ЕК ги воведе правилата процедурите за да се осигура дека постојат стандарди за безбедноста на сите. Има многу закони кои се во сила и две клучни начела што раководат со дарувањето на органи, тие треба да доаѓаат од починати или живи органи на доброволна основа и набавката се движи на непрофитна основа, посочи таа.

Дополни дека е од витално значење секоја земја да изготви структури, да го образува персоналот и да воспостави инфраструктура за целосна примена на овие регулативи при што потенцираше дека е многу значајно да се задржи искусниот персонал и нивното знаење да се надградува.

Според националната координаторка за трансплантација на РСМ, Биљана Кузмановска, развојот на трансплантационата медицина подразбира можност на пациентите да се даде орган кој ќе значи додадени години на живот, како и додаден квалитет во годините на живот кои што ќе ги добијат.

- Оттука произлегува важноста за свесноста како на медицинскиот кадар, така и на општата популација за органодарителството. Свесноста за органодарителството се подига преку едукација на здравствените работници уште од студентски денови кои што подоцна ќе израснат во експерти, а важна е и едукација на медиумите, посочи таа.

Васко Јолевски од „Храбро срце” сподели колку за пациените е важен овој хуман чин.

- Во оној момент кога не можеме да направиме ништо за својот близок, треба да бидеме крајно хумани, да донесеме тешка одлука, дел од нашиот близок да живее во некој друг, односно да спасиме нечиј живот, посочи тој.

Република Северна Македонија го одбележува Европскиот ден на органодонаторство - 7 октомври со 85 донирани органи за неполни четири години, од кои 38 бубрега, 11 срца, четири црни дроба и 32 коскени ткива.

Во 2020 година беше направена првата трансплантација на срце, 2021 прва трансплантација на коскени ткива, додека, во 2022 прва трансплантација на црн дроб.

Во рамките на настанот се одржа и изложба на дела од Конкурсот за најдобро избрано решение за плакати.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2024 21:30