Иако поминаа повеќе од четири години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, неговата имплементација останува далеку од целосна - е заклучокот од Мониторинг извештајот за имплементацијата на законот.
НМСМ и оваа година го изработи „Мониторинг извештај за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики за 2023-2024“, со цел да се согледа до каде се имплементирани можностите и механизмите младите да влијаат и учествуваат во процесите за креирање политики и донесување одлуки, кои се предвидени со Законот.
Повторно најголемата слабост се забележува на општинско ниво, каде голем број од механизмите наведени во законот, сè уште не се имплементирани. Од сите законски предвидени механизми извештајот покажува дека 42% од општините успешно формирале Локални младински совети, кои се клучен механизам за младинско учество на локално ниво. 22% од општините имаат усвоено Локални младински стратегии, додека само 12 од нив имаат развиено соодветни акциски планови за истите, што покажува дека претворањето на политиките во конкретни планови за вклучување на младите останува предизвик за општините.
Еден од најголемите предизвици претставува формирањето на канцеларија за млади. Само една општина правилно има формирано канцеларија за млади, како место каде младите лица од општината ќе можат да се обратат и да се информираат во врска со прашања поврзани со младите, кои се во надлежност на општината.
Досега постојат само 10 функционални младински центри, а најголем процент, односно 80% од општините ја исполниле обврската за именување на службеник за млади.
На национално ниво, Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики сѐ уште не се формирани.
Кога станува збор за финансирањето на предвидените механизми на локално ниво, врз основа на добиените податоци, заклучокот е дека во 2023 година само 18 општини (22%) изјавиле дека во 2023 година имаат доделено средства за сервисите за млади кои се предвидени во законот. Во однос на податоците за тоа дали и колку општината има планирано финансиска поддршка за млади, во буџетот за 2024 година, може да се заклучи дека голем број од општините т.е. 49 (61%) истакнуваат дека имаат планирано средства, но само 32 од нив имаат наведено износ за тие планирани средства. Иако податоците покажуваат зголемена свест кај општините за алокација на средства од буџетот, конкретно за млади, како отворено прашање ќе остане колку од нив ќе бидат потрошени.
Податоците за извештајот на локално ниво се прибирани од страна на регионални набљудувачи во периодот од декември 2023 до мај 2024 преку активно следење на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики во нивните региони. Собраните податоци се споредени со претходните мониторинг извештаи, со цел да се идентификуваат сегментите со најголем напредок во поглед на имплементацијата на Законот. Извештајот нуди и конкретни препораки со кои ќе може да се подобри имплементацијата на овој Закон.
Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики го изработи Националниот младински совет на Македонија, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница - Штип, СФЕРА Интернешнал и Youth Empowerment Platform – YEP, во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Национален младински совет на Македонија (НМСМ)