Со пластични шишиња и канистри граѓаните од горниот дел на градот, кај „Јаворот“ од почетокот на овој месец секој ден од 10 до 12 часот го дочекуваат камиончето на комуналното претпријатие да донесе вода за пиење за да наполнат и однесат дома. Глетка која пред повеќе од педесетина година беше скоро секојдневна во Струмица и кога вода се носеше од „Топуска“, и од други природни чешми во градот и околу него. Високото ниво на манган во суровата вода од браната „Турија“ и неможноста Филтер станицата да ја преработи за да може да се користи за пиење и готвење кај струмичани ги врати спомените од пред половина век, но и отвори многу прашања за ризикот по здравјето на граѓаните и можните последици.
На 27. минатиот месец како бомба одекна соопштението на ЈПКД „Комуналец“ со кое ги известува граѓаните на Струмица и населените места Дабиле, Добрејци, Просениково, Градско Балдовци, Баница и Водоча, дека водата од водоводната мрежа заради отстапување од вредностите и стандардите за квалитет на водата за пиење во однос на физичко хемиските параметри во согласност со правилникот за вода за пиење и затоа не треба да се користи како вода за пиење. Водата може да се користи исклучиво како техничка вода. Флашираната вода во продавниците се разграби за многу кратко време, а некои се обидоа и да профитираат продавајќи вода за неколку пати поскапа од редовната цена.
Според експертите, водата која содржи високо ниво на манган може да претставува ризик по здравјето, особено за децата и доенчињата, доколку подолго време се пие вода со повисоко ниво на манган можат да има и подолготрајни последици.
Зголемено нивото на манган во водата во акулацијата „Турија“, состојбата природата ја создаде, природата ќе је среди
Според Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле“, Струмица, зголеменото ниво на манган водата во акулацијата „Турија“ се должи на тоа што на 22 и 24 септември паднало поголема количина дожд во двете сливни подрачја-„Железен дол“ и „Уливот“.
- По долготрајна суша дојде до поголеми врнежи на дожд и тоа е една од претпоставките што дошло до заматување на водата во акумулацијата. По неколку денови имаше и земјотрес во близина на браната со интензитет од 3,3 степени по Меркалиевата скала потврдено од Институт за Земјотресно Инженерство и инженерска сеизмологија, а освен тоа на местото „Вуков дол“ има одронување, односно свлечиште. Овие се причините за кои претпоставуваме дека довеле до зголемено присутво на манган во водата, но мој став е дека оваа состојба природата ја создаде, но и природата ќе је среди, изјави Ѓоргиев.
На 9 овој месец нивото на водата беше 11,680 милиони кубни метри и според Ѓоргиев ова ниво е задоволително за да може да има непречено водоснабдување, а тој претпоставува дека манганот во водата се појавил од камењата, карпестиот дел на браната и во недостиг на кислород се ослободил овој метал.
Додава дека по десет денови од појавата на зголемено присуство на манган во водата тој почнал да се намалува и според информации од Филтер станицата во Струмица полека се приближува до нормалните граници.
- Суровата вода што доѓа од „Турија“ во моментот е чиста и е со добар квалитет и ќе може да се преработи до вода за пиење, посочи Ѓоргиев.
Директорот на ЈПКД „Комуналец“, Љупче Љачев потврди дека влезната вода од „Турија“ е со намалено ниво на манган и по преработување на водата, според нивните податоци од Филтер станицата, нивното на манганот е на границата на дозволеното и отстапува многу малку.
- Постапивме по наредбите од Агенцијата за храна и ветеринарство за чистење на таложниците, резервоарот и цевководот, хиперхлорирање и рок за тоа ни е 20 денови, но ние очекуваме да завршиме побрзо, вели Љачев.
Додава дека не може да даде проценка кога градот и шесте населени места повторно ќе добијат вода за пиење, а за него е најважно што количините на манган во водата драстично опаѓат.
- Кога ќе видиме кај нас дека бројките се задоволителни ќе побараме од Центарот за јавно здравје да земат примероци од водата за испитување и доколку е се во ред тие ќе ја ивестат Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и ќе ни дадат решение дека водата може да се користи за пиење и потоа ќе објавиме, појаснува директорот на струмичкото комунално претпријатие.
Политички заплет- кој ја замати водата во Струмичко
Како што кулминираше кризата со вода за пиење, политичкиот заплет уште повеќе се заплеткуваше и префрлањето на топката од една на друга институција кој е виновен или не се чини дека уште повеќе ја замати водата во струмичко и тешко дека таа лесно ќе се избистри.
Се почна случајно или не на 27 септември кога раководството на АД „Водостопанство“ одржа прес конференција за ненаплатените побарувања за испорачана вода кон струмичкото комунално претпријатие, за по неколку часови „Комуналец“ излезе со соопштение дека водата не е за пиење и реакција на струмичкиот градоначалник Костадинов дека толку е голема негрижата од страна на АД „Водостопанство“ за нивоата на водата на браните што пред некој ден на решетката на Филтер станицата биле пронајдени риби, за кои, као што напиша тој, „се надеваме нема да ни биде испорачана фактура“.
На 1 октомври „Комуналец“ почна со организирано снабдување на граѓаните со вода за пиење и на детските градинки и училиштата, а ВМРО - ДПМНЕ делеше флаширана вода обезбедена од „Кожувчанка“ и побара оставка од градоначалникот заради немањето вода за пиење.
- Ако заради политички поени ја држите Струмица во заложништво, ни пуштате кал, намерно не ги чистите речните корита за да се поплавуваме, дадете писмени гаранции дека веднаш ќе испорачувате чиста вода од „Турија“, ќе инвестирате во брана „Турија“, ќе чистите речни корита кои се ваша надлежност, ја имате мојата оставка, напиша Костадинов.
Проблемот со водата за пиење беше тема и на седницата на Советот на Општината на 3 октомври. И таму продолжија препукувањата меѓу општинската власт и опозицијата, а градоначалникот Костадинов посочи дека Струмица е пред еколошка катастрофа ако во најскоро време не се реши проблемот со водата за пиење.
За техничкиот директор на ЈПКД „Комуналец“, Стојан Ефтимов, проблемот не е во комуналното претпријатие и во процесот на обработка на водата.
- Примарен проблем е суровата вода од браната „Турија“. Сега во моментот по сите наши заложби се уште не се прави анализа на водата од оваа акумулација. Сега е потребно тоа да се направи на поголеми длабочини и од повеќе места, да се констатира каква е состојбата на акумулацијата. Таму нема само вода, таму има и геоголија. Тоа се стручни работи кои ние не можеме да ги решиме, туку треба сериозна анализа за да се дојде до вистинската состојба на браната „Турија“. Дури потоа треба да се направи стручна анализа и можеби од неа ќе се открие причината зошто е дојдено до таа состојба, кажа Ефтимов.
Советникот од „Стига е“, Ѓорѓи Танушев, како можно решение посочи да се направат бушотини до подземните води под Струмица и таа вода да се меша со таа што доаѓа од „Турија“ за да се намали присуството на манганот, кој тогаш, според изнесените информации на седницата на Советот Лабараторијата на „Комуналец“ покажала дека техничката вода од браната „Турија“ е со ниво на манган од 1,5 милиграми во еден литар, а од 1974 година, откога постои Филтер станицата, највисокото ниво на манган во водата било 0,25.
На седницата, на предлог на градоначалникот, беше донесена одлука граѓаните на Струмица од овој месец да плаќаат само техничка вода во износ од 7,85 денари за еден метар кубен, наместо досегашната цена од 33,99 денари и тоа да важи до повторното обезбедување на вода за пиење.
На 4 октомври прес конференција одржа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој понуди помош за решавањето на проблемот со водата за пиење во Струмица, а прстот за немањето вода го впери во градоначалникот Костадинов. Тој реагираше на пресот на министерот и притоа истакна дека очекувал некакво решение.
Со соопштение на 5 октомври се јави и Агенцијата за храна и ветеринарство, со кое се информира дека на „Комуналец“ му е наредено да преземе нови мерки за обезбедување вода за пиење и дека при надзорот на акумулацијата „Турија“, од страна на инспекторите за храна на АХВ, се земени мостри од водата во акумулацијата за лабораториско испитување од 8 мерни места.
- Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги доби резултатите од земените мостри вода од 3 мерни места од водоводната мрежа во Струмица со која стопанисува ЈКП „Комуналец” од овој град. Ниту една од двете земени мостри кои паралелно се анализираа во две независни лаборатории (Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје и во лабораторијата „Проанализ”) не одговараат на дефинираните параметри за безбедност од Правилник за барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење (Сл весник на РМ бр.183/2018), бидејќи кај нив е детектирано зголемено присуство на манган над максимално дозволените концентрации, информираа од АХВ на барање на МИА
Оттаму додаваат дека се уште се чекаат резултатите од земените мостри вода од 8 мерни места од браната „Турија“ во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор на АХВ на оваа акумулација од каде ЈКПД „Комуналец” Струмица ја обезбедува водата за градскиот водовод во Струмица.
Од АХВ информираа дека од ЈКП „Турија“ од Василево, која ги снабдува жителите на неколку села од Општина Василево, водата ја обезбедува од истата акумулација, не се земени мостри при спроведениот инспекциски надзор над ова комунално претпријатие. Забраната за пиење на водата од водоводната мрежа во Василево, АХВ ја изрекло врз основа на добиените резултати од мониторирањето на безбедноста на водата во оваа општина кое го спроведува Центарот за јавно здравје-Струмица.
Ристо Тасев