Познатиот германски фудбалер и поранешен репрезентативец на оваа земја, Лукас Подолски, официјално се повлече од професионалниот фудбал на 39 години.
Подолски пред 50.000 навивачи на стадионот „Рајн Енерџи“ се прости од фудбалот во дресот на Келн, клубот во кој ја започна својата кариера.
Иако последните три години од кариерата ги помина во Полска, земјата во која е роден, каде што настапуваше за тимот на Горник, поранешниот германски репрезентативец реши да се збогува од фудбалот на местото каде што се започна.
Популарните „јарци“ приредија проштален меч за својата легенда, во кој тимот со име „Полдис 11“ го совлада Келн со 5:3. Целиот настан беше многу емотивен, а Подолски по егзибицискиот меч доби овации од навивачите, кои подоцна ги придружи на трибините и со пиротехника и навивачки песни на својот сакан клуб стави точка на својата богата кариера.
Подолски двапати играше за Келн, на кој му се приклучи како десетгодишник, а на 181 меч за оваа екипа постигна 86 гола и забележа 41 асистенција. Го носеше и дресот на Баерн Минхен, со кој ја освои двојната круна во 2008 година, а потоа патот го однесе во Арсенал, со кој ги крена трофеите од ФА Купот и Комјунити Шилд.
Освои трофеи со Галатасарај со кој го освои Купот и уште два турски Суперкупа, а во Јапонија играше и за Висел Кобе со кој го освои националниот Куп.
Подолски по прошталната средба им се обрати на насобраните фанови, а за време на говорот го совладаа емоциите.
- Сега е готово на теренот, но сигурно повторно ќе се видиме надвор од него. Или на трибини или на гостувања. Еднаш фан на Келн, секогаш фан на Келн, рече Подолски и додаде: „Навистина ме трогна што толку многу фанови дојдоа да уживаат во оваа специјална вечер со мене. Чест ми е уште еднаш да го носам „јарецот“ на гради пред полн стадион. Тоа е крајната изјава на љубов кон овој посебен град, клубот со неговите фантастични навивачи, моите поранешни соиграчи и други луѓе кои го следеа мојот пат“.
На Подолски во натпреварот му се придружија бројни легенди на играта, како Матс Хумелс, Мануел Нојер и неговиот поранешен соиграч од Арсенал, Пер Мертесакер.
Дел од овој настан беа и поранешниот германски селектор Јоаким Лев и Ханси Флик.