Во каменичкото село Цера денеска се организираше општо-народен црковен собир по повод христијанскиот Покров на Пресвета Богородица. Во рамки на настанот во истоимениот храм се одржа црковна литургија со која чиноначалствуваше епископот Делчевско-каменички г.Марко.

Овој голем верски празник, како што истакна градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, е длабоко вкоренет во православната вера и традиција кај каменичани.

- Празникот служи како потсетник за заштитата и благословот што Пресвета Богородица ги дава на сите нас и целиот православен свет. Како локална самоуправа, постојано сме посветени на зачувувањето на нашето културно и духовно наследство. Ги поддржуваме активностите на манастирот и Делчевско - каменичката епархија се стремиме да создадеме услови за негово понатамошно унапредување. Веруваме дека со заеднички напори, со Епископот Делчевско - Каменички г. Марко, ќе успееме да го одржиме и развиваме овој наш повеќевековен свети храм на верата и традицијата, истакна Атанасовски.

Епископ г.Марко во своето поучно слови се осврна на значењето на празникот.

- Благословот на Пресветата Богородица секогаш не следи и нека ни подари здравје, мир и благосостојба. Да ни е честит празникот, и нека Богородица го чува нашиот народ и нашата заедница, додаде г.Марко.

Настанот продолжи со служење заеднички ручек за присутните верници.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2024 04:19