Со претставата „1984“ од Џорџ Орвел, во режија на Игор Менџиски, а во изведба на Националниот театар од Приштина, синоќа на сцената на Албанскиот театар во Скопје беше отворено 18-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал“ - Скопје.
Како што информира МТФ „Скупи фестивал“, синоќа на присутните им се обрати директорот на фестивалот Музбајдин Ќамили-Мучи, кој ја соопшти програмата на ова издание. Тој и се заблагодари на публиката за нивната континуирана подршка низ годините, како и на спонзорите и подржувачите на МТФ „Скупи фестивал“, Албанскиот театар- Скопје, каде ќе се одржува целата програма, Министерството за култура и туризам, Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и други компании и медиуми.
Претстава „1984“, како што се наведува, зборува за моќта, идентитетот, осаменоста и потрагата по себе, преку потрагата по другите. Каде се истражуваат љубовта, политиката, детството и неговите неволји. Според режисерскиот концепт на Менџиски, во фокусот на оваа претстава е љубовната приказна меѓу Винстон и Јулија.
Во претставата играат Адриан Морина, Арта Селими, Басри Луштаку, Едона Решитај, Флака Латифи, Шпејтим Кастрати, Џејлане Годанци и Илбер Барди. Сценограф е Ментор Бериша, костимограф Илка Брада, а композитор Тримор Доми.
Во рамки на фестивалот, вечер, во 20 часот, во Албанскиот театар- Скопје ќе се одигра претставата „Гидеоновиот јазол“, во режија на Селма Алиспахиќ. Претставата е по текстот на американската драмска писателка Џона Адамс, а во продукција на Интермецо и МЕСС Сараево.
Фестивалот ќе се одржува до 19 октомври.