Оптимизам владее дека меѓународниот тендер за изградба на современ систем за управување со отпад, односно регионалната фабрика за отпад кај Светниколското село Мечкуевци може да се распише и наредната недела, бидејќи во тек е преведувањето на тендерската документација на јазиците на сите земји членки на Европската унија (ЕУ) беше истакнато во Штип на денешнатa jавна расправа за ревизија на „Регионалниот план за управување со отпад (РПУО) и Стратешката оцена на животната средина (СОЖС) “.
Ана Мазнева-Карафиновска од Министерството за животна средина и просторно планирање истакна дека тендерската документација веќе е готова, во неа не недостасува ништо и нивните очекувања се дека крајниот рок за распишување на тендерот за изградба на регионалната фабрика за отпад за општините од Источниот и Североисточниот регион од страна на ЕУ е до Нова година.
Таа посочи дека потребна е поголема посветност од страна на општините од Источниот и Североисточниот плански регион за да се реши проблемот со депонирањето на отпадот и изградбата на оваа инсталација. Забележа дека општините и комуналните претпријатија мора максимално да го искористат максимално знаењето на експертите кои работат на овој проект и кои се во земјава за нашите граѓани и општини. Таа додаде дека изградбата на клучката и реконструкцијата на патот до современиот систем за депонирање на отпадот од двата региони во близина на селото Мечкуевци ќе се гради, во исто време со депонијата, а нејзиниот рок за изградба е од година и пол до две.
-Проектот за изградбата на патот и за реконструкцијата, има една мала делница којашто треба да води до депонијата ќе се одвива паралено со изградбата на регионалната депонија, за да може да биде ставен во функција веднаш со изградбата на новата регионална депонија, вели Мазнева-Каранфиловска.
Теофанис Лолос тим лидер на проектот истакна дека во моментов има преоден период на затварање на депониите низ помалите општини и рехаблитација на земјиштето на кои се наоѓале.
-Во општините во Источниот регион тоа веќе се има случено, а се очекува и во општините во североисточниот регион. Во овој преоден период во рок од две години ќе има времени депонии, каде што ќе има навистина претовар или донесување на отпад од други општини, но тоа е само преоден период. Во Кочани, сега е сменета ситуацијата, изведувачот веќе работи таму и на рехабелитацијиа, такашто во конечната фаза ќе има едно централно место каде ќе има постројка и за третман и за одложување на отпадот, а депонијата во Кочани ќе се затвори конечно, изјави Лолос.
Регионалната депонија ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региони и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. Предвидени се да бидат изграден претоварни станици за отпад во шест општини, а во Мечкуевци да биде главната постројка каде отпадот ќе се преработува по европски стандарди. Проектот чини околу 40 милиони евра, средства се обезбедени од фондовите на ЕУ.