Јавното претпријатие за државни патишта работи на проектирање и со буџетот за следната година ќе има изведувач којшто ќе треба да го изгради новиот мост на Вардар кај Башино Село на еден од влезовите во Велес, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски при денешната посета на Велес.

- Мислам дека нема да помине долго време. Ќе оди многу брзо. Ние сме три месеци на власт, така што побрзо од ова не може. А во однос на сигурноста на постоечкиот мост се согласувам дека тој е небезбеден и не може да се реконструира, односно не може да се репарира постојниот мост и затоа треба да се изгради нов мост, појасни Николоски.

Во однос на најавата за брзата пруга, министерот Николоски потенцира дека линијата ќе поминува во Велес и за 25 минути ќе се пристигнува од Велес до Скопје.

На новинарско прашање за водоводот кон велешкото село Раштани на кој веќе веќе 4-5 години се работи, и дека има најави дека предметот е откочен, министерот рече дека имало проблеми и дека таа работа се завршила.

Во однос на проектите со коишто општините аплицираат, Николоски рече дека не сака да звучи амбициозно, но мисли дека е многу веројатно најголем дел, ако не и сите да ги изгласаатна денешната седница на Владата.

-Од тука одам на седница на Влада, преку 90 проценти од проектите се кај мене во Министерството за транспорт и истите заедно со тимот во Министерството за транспорт ги завршивме. Сакам да се заблагодарам на целиот тим којшто работеше на оваа работа навистина завршија огромна работа и на мојот кабинет којшто целосно се вложи во оваа работа, така што проектите од страна на Министерството за транспорт се одобрени, остануваат другите министерства да ја завршат својата работа и се надевам дека денес попладне можеме да излеземе со информација дека проектите се усвоени на седница на Влада, најави Николоски.

Министерот додаде дека за Велес се работи за подземна гаража.

– Тоа е дел од проектите, а за следна година ќе има и други проекти. Затоа кажав дека градоначалникот е прв којшто ги искористи измените на Законот за урбанистичко планирање со коишто се олеснува изградба на катни гаражи, додаде тој.

На прашање дали целосно ќе оди изградбата на гаража или ќе се оди по фази, Николоски рече дека ќе оди во две фази, една годинава и другата в година, а целосно до година ќе биде завршена.

На прашање на МИА за несообраќањето на возови на пругата Скопје – Тетово – Кичево, министерот одговори дека за жал во моментов нема сообраќај, имајќи предвид дека не е електрифицирана, а дизел локомотивите се скапа работа за одржување.

-Истата приказна е и со Штип – Кочани. Тоа е една од работите коишто ги работиме со „Македонска железница – Инфраструктура“ целосна електрификација на постојните пруги, затоа што во моментов економска каква таква исплатливост има само за Коридорот 10 којшто е целосно електрифициран, појасни Николоски.

На новинарско прашање дали Владата купува нови возови и нови локомотиви, министрот Николоски одговори. дека засега тоа не е во план.

- Имаме план постојните да ги репарираме и да ги ставиме во функција. Дотогаш ќе ги возиме изнајмените. Изнајмените се карго, не се во транспортниот дел. За карго имаме четири изнајмени, појасни Николоски.

Тој информира дека постојните стари возови ќе ги репарираат во велешката фабрика за шински возила „Колска“.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/10/2024 17:38