Лозаропроизводителите бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозја, изјави денеска за МИА, Јован Златевски, претседател на Сојузот на здруженија на лозари со седиште во Кавадарци. Тој е претседател и на потсекторската група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Всушност, производителите на грозје бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозов насад. Само како споредба, тие субвенции сега кај нас изнесуваат 40 илјади денари за хектар, а во Косово се околу 60 илјади денари, појасни Златевски.

Ќе се бара исто така младите земјоделци до 35 години да имаат предност при државното субвенционирање, за купување земјоделска механизација, мрежи за заштита од преголема изложеност на сонце на земјоделските производи и слично.

Златевски истакна дека едно од барањата со кои ќе настапат на следниот состанок на потсекторската група, е и тоа, да се издејствува, обесштетување на лозарите, поради штети претрпени во лозјата, од елементарна непогода суша, што го зафати регионот во текот на летото.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2024 04:26