Развојот на културата, цивилизацијата и светот во претставува интеграциски процес на материјалното и духовното творештво, создадено од вековните преплетувања на народите. Она што е неопходно е да се сфати колку е кревко и скапоцено нематеријалното културно наследство. За да имате нематеријално културно наследство и за тоа да се пренесува, мора да имате луѓе кои ќе го создадат, луѓе кои што ќе го пренесат и луѓе кои што ќе го слушаат, беше посочено денеска на одбележувањето на Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство во Собранието, во организација на Комисијата за култура и туризам.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во своето обраќање во Собранието потенцираше дека нематеријалното културно наследство како духовно богатство на еден народ е сведок за неговото опстојување, идентитет, вредностите и историјата на неговата култура воопшто.

-Развојот на културата, цивилазацијата и светот во целина претставува интеграциски процес на материјалното и духовното творештво, создадено од вековните преплетувања на народите на овие простори, во кои секоја генерација потпирајќи се на културните достигнувања на своите претци, дава свој прилог во збогатувањето на содржината на вредностите во големото семејство на народите. Пренесувањето од генерации на генерации постојано се обновува како интеракција со природата и историските услови на постоење, рече Љутков.

Нематеријалното културно наследство, како што рече, не е само огледало на минатото, затоа што ни ги пренесува и мудроста на нашите претци, јазикот, обичаите, песните, танците, вештините, ракотворбите и други скапоцености на народите и на заедниците. Како што потенцираше, вредноста е уште поголема ако се помисли на неговата моќ да го живее минатото и сегашноста.

-Што е танцот, ако се заборави низ времето, ако не се заштити и ако денес не се забележи неговиот пулс. Што е зборот, што значи изразот, што е музиката ако не се запамети обликот на музиката. Затоа, неопходно е да се сфати колку е кревко а истовремено и скапоцено нематеријалното културно наследство, порача Љутков.

Како што посочи, со цел заштита на нематеријалните културни вредности од глобализацијата и од брзите општествени промени, како и потребата за нивно зачувување за идните генерации, УНЕСКО во 2003 година ја усвои Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, нагласувајќи ја неговата важност како основа за културната разновидност.

-Во 2023 година на генералната конференција на УНЕСКО, токму кога се одбележуваше 20 годишниот јубилеј од донесувањето на Конвенцијата, 17 октомври беше прогласен за Меѓународен ден на нематеријалното културно наследство, со што уште еднаш беше потврдена заложбата на државните членки за подигнување на свеста, за зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство во меѓународни рамки. Денеска, за првпат одбележувајќи го овој ден, се приклучуваме кон неговото глобално чествување, рече Љутков.

Тој потсети дека Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријалното културно наследство на листите на УНЕСКО.

-Ќе ни требаат поголеми буџети за да можеме да го одржуваме, за да можеме да го промовираме се повеќе и повеќе, а најважно ќе ни биде образовниот процес, да имаме добри кадри да може да ги спроведуваат овие практики. Ќе ни требаат луѓе за ова, додаде Љутков.

Пратеничката и членка на Комисијата за култура и туризам, Велика Стојкова Серафимовска во своето излагање денеска информираше дека според документот на УНЕСКО, материјалното културно наследство означува практики, презентации, експресии, знаења и вештини, вклучително и инструменти, предмети и артефакти.

-Нематеријалното културно наследство се пренесува од генерација на генерација по усмен пат, се пресоздава од групите и се создава чувство на идентитет и континуитет. Во нематеријално културно наследство се изведувачките уметности - музиката, танцот, карневалите, сите прослави како Водици, мартинките, прославувањето на Бајрам, Ифтар, Велигден, сето тоа спаѓа во социјални практики и ритуали. Може да се пофалиме дека како држава сме едни од ретките кои ги имаат заштитено и дијалектите на нашиот македонски јазик, признавајќи ја културната разноликост и човековата креативност. Исто така ги имаме заштитетно и дел од дијалектите на албанскиот, турскиот и ромскиот јазик, рече Стојкова Серафимовска.

Потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски напомена дека ако во државата имаме нешто да промовираме, тоа е нематеријалното културно наследство.

-Денеска е важен ден затоа што се одбележува Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство. Во Македонија ако имаме нешто да промовираме тоа е нематеријалното културно наследство. За да имате нематеријално културно наследство и за тоа да се пренесува, мора да имате луѓе кои ќе го создадат, луѓе кои што ќе го пренесат и луѓе кои што ќе го слушаат. Ние имаме луѓе кои создаваат, имаме луѓе кои тоа го пренесуваат, да се потрудиме да имаме повеќе луѓе кои што тоа ќе можат да го слушаат и да го пренесат на следните поколенија, додаде Милошоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/10/2024 18:11