„Пијани –литургија zero“ е новата премиера на Народниот театар-Штип (НТШ), а во режија на познатиот македонски режисер Дејан Пројковски, кој по осум години се враќа повторно на штипската сцена и соработува со актерите од НТШ.
Пројковски на денешната прес-конференција рече дека и во оваа претставата публиката ќе ги види актерите во поинакво светло на сцената. Прашан за претставата „Дното“ во која публиката виде игра во вода, а во новата претстава „Пијани-литургија zero“ на сцената има спортски реквизити, Пројковски со одговор дека човекот и во животот за да преживее и да ги оствари своите соништа треба да знае многу вештини, да жонглира со семејството, да оди по греда со колегите на работа, да биде на трапез и многу често е падни-стани. Целата претстава се игра во една напуштена спортска сала и кога би ги направиле добро елементите би проработиле соништата на еден човек.
Забележа и дека претставата е уште еден обид на човек да ја бара дефиницијата за љубов, среќа, што значи пријателство, како и постојаната потреба да го разбере постоењето на Бог, во смислата на универзумот. Пројковски додаде дека виртуелната реалност, социјалните мрежи придонесоа човекот да биде што поосамен и отуѓен, а од друга страна без борба и напор да ја создава сликата за себе.
-Тоа значи дека човекот после толку години има само можност побрзо да ја менува амбалажата, притоа да не ја бара суштината за внатре што тоа се пакува. Оваа наша претстава е обид само да се растури амбалажата, скапото пакување на бонбониерата, во којашто треба да видиме дали воопшто нешто има и што има, вели Пројковски.
Тој посочи дека претставата говори за малиот човек, кој има големи соништа и амбиции да полета.
-Една претстава којашто зборува за современиот човек, современите односи на сите нас, како што вели Чехов „за малиот човек“. Малиот човек, кој има големи соништа заглавен во животната кал, со големи амбиции за да полета. Малиот човек којшто секаде е околу нас, го сретнуваме на улица. Но и малиот човек којшто секое утро самите го гледаме во огледалото, односно една претстава којашто зборува за постојаната потреба на човекот да ја бара смислата на животот. Додека како што вели еден филозоф „животот на земјата е всушност она време кое го поминуваме сите планирајќи како еден ден ќе живееме и ќе бидеме среќни, кажа Пројковски.
Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова Арсова информира дека премиерата е во сабота на сцената на Народниот Театар Штип со почеток во 20.00 часот.
-Ова е едно дело на кое сите ние вработените во Народен театар Штип се радувавме и еве сега во последните неколку дена, кога врие температурата ја очекуваме грандиозната премиера на „Пијани“, вели Атанасова Арсова.
Во претставата играат Владимир Тулиев, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Никола Кузелов, Кристина Атанасова Арсова, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова Дербов, Марија Минчева Андонов и Ава Хусеини.
Како сценограф се потпишува Валентин Светозарев, костимограф е Раде Василев, а композитор е Горан Трајковски. Драматург е Габриела Коцева Тулиев, дизајн на плакат: Сергеј Светозарев.