Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски отвори подрачни канцеларии на Министерството во општините Новаци и Могила.

Нашата цел е да продолжиме да го отвораме Министерството кон земјоделците, изјави министерот Трипуновски за време на посетата на Општина Новаци.

-Во Општина Новаци има околу 1000 земјоделци кои досега патуваа до Битола, а отсега сите апликации и следење на мерките на МЗШВ ќе може да ги следат од својата општина и да бидат советувани од претставници на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Сакаме да бидеме подостапни за услугите што ги даваме и земјоделците да бидат поинформирани. Со овие канцеларии потврдуваме дека се грижиме за земјоделците и овозможуваме повеќе да работаат на полињата, а помалку време да губат на бирократијата, истакна Трипуновски.

Во изјава зе медиумите, минстерот Трипуновски посочи дека за есенската сеидба е во постојана комуникација со земјоделските здруженија.

-Инспекторатот во минатиов периов вршеше сериозна контрола на семенскиот материјал во смисла дали е во согласност со правилата за квалитет. За мерката што ја донесовме за дополнителни три денари за откупена пченица списоците се во завршна фаза и наскоро субвенциите ќе бидат исплатени, а тоа значи дополнителен стимул да се зголемат површините со засеана пченица и на тој начин идната жетва ќе биде многу побогата од годинешната, На тој начин ќе го намалиме увозот што го имаме како потреба за нашата држава. Есенската сеидба е во тек, а кога ќе заврши ќе излеземе со точна бројка за тоа колку сме ги зголемиле површините, нагласи Трипуновски.

На новинарско прашање во врска со користењето на т.н. „зелена“ нафта, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски најави промени во начинот на користење на оваа поддршка за земјоделците.

-Оваа година мерката беше удвоена, но јас сметам дека оваа мерка треба да претрпи модификација затоа што не треба само да поделите сума на пари од кои ќе нема доволен ефект. Ние за наредната година ќе предложиме модифицирање на оваа мерка во смисла задоволителна количина нафта да добијат вистинските земјоделци, истакна Трипуновски.

Канцелариите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се наоѓаат во административните простории на општините Новаци и Могила.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2024 04:31