Во Охрид во тек се градежни и реконструктивни активности на неколку локации.

Фекална и атмосферска канализација се поставува на краци од улиците „Дејан Војвода” и „Македонски Просветители”, со изведба на нови приклучоци за сите објекти.

Согласно проектот предвидено е да се изградат и нови тротоари со камени плочи, нови рабници и ќе се постави ново осветлување. После завршувањето на посочените активности на двете улици ќе биде поставен нов асфалтен слој.

Како што е посочено од Општина Охрид, вкупната вредност на зафатот изнесува околу 14 милиони денари.

Истовремено се одвиваат и градежни активности за уредување на коритото на реката „Грашница“. Се работи за потегот на сливот во Охридското Езеро во населбата „Воска“.

Извршено е комплетно расчистување на теренот, бетонирање на подлогата и се врши поплочување на коритото со камени плочи. Вредноста на проектот е три милиони денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2024 04:31