Претставата со која Пројковски по осум години се враќа повторно на штипската сцена и соработува со актерите од НТШ, е работена по текстови на Иван Вирипаев, Фјодор Михајлович Достоевски и Омар Хајам. Сценографијата е на Валентин Светозаров, костимите на Раде Василев, а композитор е Горан Трајкоски. Драматург на претставата е Габриела Коцева Тулиев, а дизајнот на плакатот е на Сергеј Светозаров.

Претствата, како што беше најавено на прес-конференцијата на Пројковски во вторникот во Штип, ќе биде трагикомична потрага по смислата на постоењето на човекот преку машко/женските односи и внатрешните конфликти и ќе ја истражува длабоката човечка потреба за љубов и потрага по смислата на своето постоење. Ликовите се во момент на големо пијанство кога се соочуваат со своите најдлабоки стравови и желби. Тие ја откриваат вистината за себе преку алкохолот кој служи како пат до нивната катарза. Во таа катарзична состојба ликовите се во потрага по љубов и смисла, но често не го гледаат ни она што е пред нив и е очигледно. „Човекот е битие кое не може да живее без љубов“. Токму затоа е големата желба на ликовите за емотивно поврзување дури и во најапсурдните и смешни ситуации.

Другата голема тема во претставата е желбата на индивидуата за личен контакт со Бога се разбира во моменти на пијанство.

- Во современото општество, многу луѓе се соочуваат со чувството на осаменост и недостаток на смисла, што ја зголемува желбата за поврзаност и разбирање барем од Бога. Оваа тема ќе биде важна во претставата, а ликовите не само што се обидуваат да се поврзат меѓусебно, туку имаат силна потреба за личен контакт со Бога. Кога ликовите се пијани, тие почесто имаат моменти на искреност и откровение, каде што ги откриваат своите најдлабоки чувства. Претставата ќе си поигрува со жанровите бидејќи кога се ликовите пијани многу лесно и брзо од играчка се доаѓа до плачка, вели Пројковски.

Во претставаат играат Владимир Тулиев, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Никола Кузелов, Кристина Атанасова Арсова, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова Дербов, Марија Минчева Андонов и Ава Хусеини.

Следните изведби се закажани за 22 и 29 октомври



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2024 21:12