Вторпат денеска, протестираа транспортери кои возеа за поранешно „Фени“, бараат исплата на два милиона и сто илјади евра. Ова го истакна во изјава за МИА, Трајче Пеовски, претседател на Здружението „Киперски транспортери“ - Кавадарци. На мирниот протест денеска во Кавадарци, транспортерите дојдоа со своите товарни возила.

Пеовски појасни дека ова е мирен протест на транспортерите кои возеа за поранешно „Фени“, барајќи си ги парите. Тој рече дека причината за овој мирен протест е наплатата на нивните побарувања по основ на извршен превоз кон „Еуроникел индустри“ во стечај, како и директното влијание на банката во стечајната постапка.

- Ни беше ветено дека ќе се изнајде решение за решавање на нашиот проблем, но, до ден денес, нема ништо од тоа. Ова е организиран мирен протест за да го искажеме нашето незадоволство, нагласи Пеовски.

Протестираа транспортери кои возеа за поранешно „Фени“, си бараат над два милиона евра за транспорт на руда

Тој подвлече дека бараат средба со надлежните во државата, за изнаоѓање решенија за решавање на нивниот проблем.

- Ние нема тука да застанеме, туку во периодот што следува, ќе ги радикализираме нашите протести на повеќе локации во градот и државата, сѐ до остварување на нашите барања, истакна Пеовски.

Тој подвлече дека „имотот на компанијата проценет на над десет милиони евра сега е обезвреднет и се нуди на продажба по пониска цена, од околу 2.3 милиона евра“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2024 19:54