Во тек се подготовките за реализација на 39. издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во Штип. Организаторите на денешната прес-конференција истакнаа дека и годинава на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“ - Штип ќе се претстават над 20 изведувачи, во двете фестивалски вечери, на 25 и 26 октомври, в петок и сабота.
Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов најави дека композициите ќе бидат проследени со оркестар во живо.
-Штип ќе биде повторно центарот на македонската забавна музика овој викенд. Очекуваме многу гости, многу забава, одлични композиции кои ќе бидат презентирани на овогодинашниот „Макфест“. Она коешто сакам да го споделам е дека оваа година композициите ќе бидат проследени со оркестар во живо. Надминато е и недоразбирањето со Министерството за култура, вели Јорданов.
Уметничкиот директор на „Макфест“ Роберт Саздов вели дека рекордениот број пријавени песни за учество на фестивалот само ја потврдува се поголемата заинтересираност и кај естрадата и кај јавноста.
-Претпоставувам дека го направивме најдобриот избор од песни. Оваа година има рекорден број пријавени песни. Ако лани имаше 55 песни, оваа година има пријавено 76 песни, вели Саздов.
Александар Арсовски, кој е вклучен во реализацијата на Фестивалот „Макфест“ вели дека деновиве се поставува и сцената и се очекува масовна посетеност на Феситивалот. Тој додаде дека оваа година ќе биде без награди, а ќе се престават познати имиња од македонската естрада.
-Деновиве интезивно се поставува сцената и сценографијата која претходно беше дизајнирана од стручни лица. Очекуваме еден добар масовно посетен Фестивал, очекуваме недела на „Макфест“ – Штип, вели Арсовски.
Јован Јованов истакна дека целта е да се негува фестивалот и да остане на идните генерации На таков начин се добиваат нови мелодии, нови песни и нови имиња на музичката естрада.
-Тоа беше целта, фестивалот да остане на идните генерации и треба да го негуваат исто како што и ние сме го негувале и затоа се инволвирани и нови имиња и нови автори и да направиме една свежина. Задоволен сум иако ни е ограничен бројот на автори и изведувачи од нашата естрада, вели Јованов.
Министерството за култура за „Макфест“ издвои еден милион денари, а останатите пет милиони се од општината и општествено одговорни фирми.