Денеска се одржа средба на претставници на 49 граѓански организации и институции од секторот животна средина, со Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, на нивно барање, со цел да се гарантираат еколошки параметри во Предлог - Стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување.
На средбата беа присутни: Лилјана Поповска од Зелен институт, Костадин Ристоманов од Еко Долина - Ново Село, Ѓорги Танушев од Здрава Котлина – Струмица, Дејан Андонов од ИКС Институт за комуникациски студии, Дејан Димитровски од Зелените од Гази Баба и Татјана Атанасовска Гроздановска од О2 Иницијатива. Од страна на Министерството, покрај Министерката, беа присутни претставници од секторите за минерални суровини и енергетика.
На средбата, екологистите побараа увид во последната верзија на Стратегијата, откако поднеле свои забелешки пред околу една година до експертскиот тим ангажиран од тогашното Министерство за економија. Ја искажаа својата основна заложба, а тоа е: државата во своите економски планови да тргнува од обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните, како врвен јавен интерес. Знаејќи дека рударството и црпењето минерални суровини спаѓаат во загадувачки индустрии, тие бараат да се отвори широка дискусија во општеството за овој важен стратешки документ за Македонија, за да биде донесен низ транспарентна процедура и со вклученост на сите засегнати страни. Мислењето на локалните жители, непосредно изразено преку јавни расправи и референдуми,да биде одлучувачко при носењето одлуки за издавање концесии.
Министерката Божиновска покажа интерес и разбирање за нивните барања, со став дека е отворена за дијалог и вклучување на екологистите и сите заинтересирани страни во изготвувањето на Стратегијата .При тоа, ги информираше дека во моментот Министерството работи на Законот за енергетика, по што ќе следи нов Закон за минерални суровини и Стартегијата за рударство,зашто ќе се формираат работни групи каде задолжително ќе бидат вклучени и граѓанските активисти. Министерката покажа интерес за повеќе проблеми во рударството поврзани со животната средина,по што се заложи во иднина сите процеси во рударството да одат кординирано со Министерството за животна средина и Граѓанските активисти.
Екологистите ги повторија еколошки принципи и начела кои треба да бидат вградени во
Стратегијата за рударство:
1. Искористување и експлоатација НЕ по секоја цена.
2. Усогласување со државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси.
3. Да има континуитет во стратешките документи за индустриската политика, како што е Индустриска политика на Република Македонија 2009-2020, изработен со Светска банка, усогласен со ЕУ политики.
4. НЕ за „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција!
5. НЕ рудници во заштитени подрачја, ниту во подрачја кои се во фаза на заштита (Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица…), во склад со Националната стратегијата за заштита на природата.
6. НЕ рудници на 5 км од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа растојание (Закон за животна средина).
7. НЕ обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, за кои тоа би биле дополнителни здравствени проблеми за жителите (Пробиштип, Лојане…).
8. Санација и рекултивација на старите рудници, со решавање на еколошките проблеми, заради заштита на здравјето и животната средина.
9. Грижа за еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, посебно на дивиот свет и природните живеалишта (Емералд, НАТУРА 2000).
10.Затворање на ископите на јаглен, и усогласување на енергетичарите, рударите и екологистите, од аспект на климатските планови.
11.Носење НОВ Просторен план на Р.С. Македонија и ажурирани просторни планови по региони, во склад со обврските за зелен развој и климатска акција.
12.Носење нов Закон за просторно планирање и нов Закон за води, кои се изготвени.
13.Спроведување на препораките од Ревизијата на успешност во управувањето со минералните суровини 2016-2020 на Државниот завод за ревизија, комплементарни со барањата на екологистите од кампањата „РазбистриСе“: Институциите да тргнат од јавниот интерес, со стратешки пристап за обемот и начинот на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини, со „одржливо“ искористување, преку јакнење на капацитетите за ефикасни контролни механизми во сите фази на концесијата - од финансиска гаранција во случај на штети по животната средина, преку јавно достапни податоци за постапката по која е склучен договорот, се до надзор над загадувањето на природата, над количеството ископани минерални суровини и над мерките за рекултивација на земјиштето. Да се задолжат постојните рудници со отворен коп, кои продолжуваат да работат со цијаниди и сулфурна киселина, да си ги усогласат еколошките дозволи со новата Директива за индустриски емисии 2010/75/ЕУ.
Состанокот заврши со договор за продолжување на соработката и овозможување целосна транспарентност и вклучување во процесите кои следат.
Зад овие барања стојат: Зелен институт, Еко Долина - Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Зелените од Гази Баба, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 иницијатива, Грин.орг – Кочани, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг и проф. Кирил Сотировски, РАДАР, АРНО, Фронт 21/42, Еко-живот – Кавадарци, Еко звон, ЦИКП, Го сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Национален Рома Центар, Охрид СОС, ЕКО ЛОГИК, Гоу Грин, Геосфера – Битола, Ековита – Неготино, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, Рурална коалиција, Куќа на среќата, Институт за биологија при ПМФ и проф. Рената Ќуштеревска, Институт за демократија, АДИ, Шанса за Центар, МЦМС, МАЦЕФ, Чеинџмејкерс, ЕДЕН, Зелен хуман град, Вила Зора Велес, ДЕМ, Независни од Карпош – За заштита на Карпош, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Млади за Македонија, Центар за управување со знаење, Полимат 13 – Богданци, МЕД, Проф. Валентина Стаменковиќ од Институт за биологија при ПМФ, Граѓански центар за одржлив развој ЕГРИ, Млади правници, Еко Герила Тетово, Локал Акт Македонски Брод.