Црквата „Света Петка“, денеска на одбележувањето на патронот, беше претесна да ги прими верниците, кои ги имаше од Дебар и долнореканскиот крај. Во оддавањето почит кон светителката, ним за првпат им се придружија и верници од Чешка, предводени од свештеникот Василиј, како и поголема група верници од Делчево.

-Света Петка нека не прими во нејзината закрила и нека не чува од секакво зло. Нејзините молитви и мајчинска закрила да бидат со сите нас, посакаа верниците заедно со нивниот многу почитуван владика Партениј.

Одбележувањето почна со Утрена богослужба, а продолжи со Божествена Литургија со која чиноначалствуваше епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со бигорските јеромонаси и архимандрити и архијерејскиот намесник, отец Миле Ангеловски.

Владиката Партениј пред верниците одржа и беседа, во која порача дека со „благодарење и со срдечен копнеж по светоста, го празнуваме денес сјајниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, која е една од недобројното множество Светии, што го исполнуваат Царството Небесно и со моќни застапништва се молат за нас“.

Владиката истакна дека особено е важно да го почитуваме родното огниште и никако да не го напуштаме, уверувајќи ги жителите од дебарскиот регион дека Бигорскиот манастир е секогаш тука да им помогне за било што.

-Сите брзаат некаде да си заминат. Но не треба така. Треба да бидеме цврсти и да останеме на нашите огништа, онаму каде што ни е коренот. А нам тука ни е коренот. Знам дека е тешко да се

живее, особено сега во Дебар, кога се' помалку и помалку има Христијани. Но, манастирот го прави сето тоа што го правел низ историјата, имено го помага православното жителство и сите останати. Манастирот соработува со секој еден. Каква и да било мака да има, секој еден може слободно да дојде и да побара помош од монашките заедници. Ние ниту некого сме оставиле, ниту ќе ги оставиме жителите на регионов. Тука сме за сите за било што. Само да бидеме сите задно, оти тоа го сака Господ од нас. Денес Света Петка посебно беше радосна, бидејќи верувам дека толку народ црквата не видела со децении. Ви благодариме на сите што дојдовте. Света Петка нека ни е на помош, посака меѓу другото владиката Партениј.

Верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на светителката, кои верно се чуваат од страна на Пречистанското сестринство, од манастирот „Света Богородица – Пречиста“ или Крнински манастир, кај Кичево.

Верниците од Чешка, предводени од свештеникот Василиј, и оддадоа почит на светителката и со пеење на Симболот на верата и Отче наш на чешки јазик.

Осветена беше погачата што ја принесе овогодинешниот кум, Дарко Милосавлевски, од долнореканското село Битуше, кој пак, кумството за следната година му го предаде на Горан Костовски од Дебар.

Црквата се наоѓа во центарот на градот, изградена е во 14 век, била обновена во 19 век, а реновирана во 1913 година и по катастрофалниот земјотрес што во ноември 1967 година го погоди градот. Во дворот на црквата е сместено и седиштето на Дебарската парохија



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2024 19:48