Студентите на Педагошкиот факултет, но и другите кои студираат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола од неодамна имаат на располагање прирачник за медиумска писменост во високото образование. Содржините на публикацијата „Секоја вест на тест“ ги составија универзитетските професори Виолета Јанушева, Данче Сивакова Нешковски, Јове Димитрија Талевски, Милена Пејчиновска Стојковиќ, асистентката Марија Стојаноска, а креативен придонес имаа и студентите Димитар Атанасовски, Бојана Мандровска, Благица Наумова и Ева Нешкоска, чија единствена цел како што нагласуваат, е во денешниот свет преполн со различни медиуми и информации, токму со медиумска писменост да се развиваат вештините за критичко размислување, но и да се разбира начинот на кој медиумите ги обликуваат културата и општеството.
Во прирачникот поместени се теоретски сознанија за актуелни медиумски содржини, на студентите им се овозможува да се запознаат со значењето на медиумската писменост, учат како да пристапат до медиумски содржини и да ги анализираат, а потоа како медиумски писмени граѓани, подобро да ги разбираат сложените медиумски пораки од весниците, книгите, телевизијата, билбордите, веб-страниците и други медиумски извори.
- Медиумската писменост е важна во високото образование бидејќи студентите ќе може брзо и ефикасно да препознаваат пристрасно известување, дезинформации и лаги. Медиумската писменост помага да се разбере влијанието на медиумите врз индивидуата и општеството, таа ја подига свеста на луѓето за сопствената култура и вредности и вклучува доживотно учење. Преку наставата за медиумска писменост студентите може да му дадат смисла на своето искуство со медиумите и со новата технологија. Медиумската писменост треба да ја развива свеста на студентите за општествената одговорност, да станат медиумски одговорни личности, односно да ја препознаваат својата гледна точка, да знаат што сакаат да кажат и на кој начин тоа сакаат да го кажат, вели професор д-р Јове Димитрија Талевски.
Во свет заситен со медиуми, не е доволно да се биде само писмен, односно да се знае да се чита и пишува, туку треба да се биде и медиумски писмен, сметаат уредниците на публикацијата. Медиумски писмените луѓе се способни да пристапат до информациите, да ги анализираат и оценуваат. Колку повеќе луѓето се медиумски писмени, толку повеќе тие ги разбираат информациите. Затоа, од големо важност е да се разбере значењето на медиумската писменост посебно во дигиталната ера затоа што сите ние можеме да бидеме корисници и создавачи на интернет. Оние што се медиумски писмени и што разумно и критички ги употребуаат сите медиумски платформи се оспособени да учествуваат во општествениот живот и токму затоа Педагошки факултет издаде и промовира Прирачник за медиумска писменост.
- Прирачникот доаѓа во вистински момент бидејќи проблемот со лажните вести, со неточните вести и други облици на медиумски измами е навистина голем. Затоа е многу битно, не само за возрасните, не само за студентите, туку овие теми да се учат од најмалата возраст, уште од основното образование, е за тоа треба да се обучат наставниците во основното образование. Затоа сметам дека Педагошкиот факултет е на вистинскиот пар бидејќи на идните наставници кои ги образува, преку овој прирачник ќе едуцира за значењето на медиумската писменост, бидејќи не се проблем само лаѓните вести, туку се јавуваат и лажни фотографии, лажни видеа, а најнов тренд е лажниот глас. Многу скоро ќе се случи да неможете да бидете сигурни во веродостојноста на тоа што го гледате и слушате на видео материјали, а тоа значи дека расудувањето и процената на содржините ќе е најбитна, смета ректорот на УКЛО-Битола, проф. д-р Игор Неделковски.
Во прирачниот за медиумска писменост, студентите дознаваат за Кодексот на македонските новинари, ја препознаваат сопственоста на медиумите во државата и стануваат свесни за разликата меѓу сопственик, уредник и новинар на одреден медиум. Според уредниците на публикацијата, сопственоста на медиумите има големо значење бидејќи директно влијае на информациите што ги добиваа читателите и на перспективите на кои се изложени, односно ако сопственици на еден медиум се неколку моќни поединци или корпореции, тоа може да има влијание врз објективноста на известувањето и врз содржините за кои известува. Во таа смисла, авторите препорачуваат сопствениците на медиумите треба да се грижат за своите деловни интереси и за добивката, но не треба да ги загрозуваат независноста и објективноста на уредниците.
Прирачникот е вклучен во наставниот процес од наставните предмети „Медиумска култура во наставата“, „Медиумска писменост“ и „Лингвистилистика“ и препорачан од рецензентите, универзитетските професори Људмил Спасов и Силвана Нешковска, за како што нагласуваат, судентите да ги продлабочат своите сознанија за медиумска писменост.
-Прирачникот ја нагласува неминовната потреба од подобрување на медиумската писменост во денешно време. Преку содржините, студентите ги продлабочуваат своите сознанија за основните чинители во медиумскиот простор, новинарските стандарди, како и проблемите со довербата во медиумите, различните видови на лажни вести и проблемите со кредибилитетот во новинарството. Покрај теориските аспекти, во прирачникот има содржини што практично им помагаат на студентите да ја подобрат својата медиумска писменост и поумешно да препознаваат дезинформации, лажни вести и стереотипна содржина во медиумскиот пејзаж. Дополнително, содржините им помагаат на студентите да препознаат и содржина создадена од вештачка интелигенција, како нов аспекти од медиумската писменост денес, истакнува професор д-р Силвана Нешковска, рецензент на публикацијата „Секоја вест на тест“.
За подобра медиумска писменост во високото образование, за студентите значајни се позавањата или препознавањата на дезинформации преку плагијат, затоа што според авторите, проблемите со плагијаторството и кршењето на авторските права се поголеми од кога било.
Плагијатот е голем проблем на академската заедница, но се јавува и во медиумите. Често се случува од невнимание или мрзеливост да се преземе содржината од веќе објавена вест, без да се наведе оригиналниот извор. Но, кога се копираат содржини од други медиуми, без да се наведе изворот, може да се пренесе и дезинформација, посебно во случај кога оригиналните информации се погрешни. Ова води до ширење неточни информации што е дополнителен проблем, посочија од уредниците на прирачникот за медиумска писменост „Секоја вест на тест“.