Ерик тен Хаг повеќе не е тренер на Манчестер јунајтед, објавено е на официјалниот сајт на тимот од „Олд Трафорд“.
-Ние сме му благодарни на Ерик за сè што направи за нас и му посакуваме се најдобро во иднина, се вели во соопштението.
Привремен главен тренер на „Црвените ѓаволи“ е поранешниот напаѓач на тимот Руд ван Нистелрој, кој беше дел од персоналот на Тен Хаг од летото.
Вчера Манчестер јунајтед загуби на гостувањето кај Вест Хем (1:2) во натпреварот од 9. коло на Премиер лигата. Со 11 бодови, тимот се наоѓа на 14. место во англиското првенство и е 21-ви на табелата во Лига Европа.
Тен Хаг го предводеше Манчестер јунајтед од летото 2022 година. Под негово водство тимот одигра 128 натпревари, забележа 72 победи, 20 пати ремизираше и загуби на 36 средби.
Со Манчестер јунајтед, Холанѓанецот еднаш го освои ФА Купот (2023/24) и англискиот Лига куп (2022/23)