Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ја посети Општина Битола и оствари работна средба со градоначалникот Битола Тони Коњановски.
Во рамките на посетата, градоначалникот Коњановски ја запозна министерката Божиновска со реализираните проекти, како и за проектите кои што се во тек на реализација во општината, а се однесуваат на подобрување на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.
-Денеска реализирав продуктивна средба со градоначалникот на Битола Тони Коњановски и неговиот тим каде што разговаравме за досега имплементираните проекти и решенија, за можностите за подобрување на енергетската ефикасност и одржливите практики низ општината и веќе изготвените 5 проекти со кои Општина Битола има за цел да го започне процесот на транзиција кон зелена енергија. Го поздравувам проактивниот пристап на градоначалникот за интегрирање на мерките за обновлива енергија и енергетска ефикасност во развојните програми на Битола, посебно за проектот за гасификација. Оваа посветеност се усогласува со нашите национални приоритети и нѐ носи чекор поблиску до почиста, поодржлива енергетска иднина за сите граѓани, истакна министерката Божиновска.
Општина Битола и локалната администрација очекуваат дополнителна поддршка од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, посочи градоначалникот Коњановски.
-Нашата цел како општина е да обезбедиме што поголема енергетска ефикасност на јавните објекти, а истовремено да дадеме поддршка и на граѓаните да го реализираат истото. На повидок се конкретни проекти од областа на обновливите извори, така што во општината со големи чекори се работи на реализација на проекти од овие области. Ме радува и фактот што министерката ни даде безрезервна поддршка при реализација на нови проекти, со што, покрај енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, ќе добиеме и поквалитетна животна средина, изјави Коњановски.
Градоначалникот Тони Коњановски на министерката Сања Божиновска и врачи пригоден подарок, илустрација од Хераклеја Линкестис.