Државниот завод за ревизија го објави извештајот за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното сообраќајно претпријатие „СКОПЈЕ ‘‘ Скопје, за 2023 година, во кој даваат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ЈСП и се заклучува дека јавното претпријатие не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните на град Скопје.

-Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Со ревизијата е утврдено дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но безнадомест. Недостигот на средства од МОН влијае на континуитетот на услугата, се посочува во Извештајот.

Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП „Скопје“, се додава, во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата. Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари, што може да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз. Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80 отсто во текот на месецот.

Поради ненавремено плаќање на фактурите за секоја испорака на гориво, понатаму се наведува, склучена е неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, во која е предвидено пресметување на казнена камата што е 50 проценти повисока од стапката на законската казнена камата. Оваа одредбане е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП „Скопје“, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50 проценти, што изнесува 12.583 илјади денари.

Во 2021 година, ЈСП „СКОПЈЕ“ има склучено договор и анекс за обезбедување комуникациска инфраструктура и Е-Cloud платформа за системот на јавен градски транспорт, вреден 142.466 илјади денари, односно 2.316.520 евра. Со ревизијата констатирани биле значителни слабости во исполнувањето на обврските.

-Имено, во првиот член на договорот, обврската за целосно и постојано функционирање на системот не е исполнета, што резултира со губење на сигналот и проблеми во следењето на возилата. Дополнително, функционалната надградба, вклучително и воведувањето на електронски билети и апликации за паметни телефони, не е реализирана во рок, што предизвикувала поплаки од патници за повеќекратна наплата на билети. И покрај неисполнувањето наобврските од страна на економскиот оператор, ЈСП„СКОПЈЕ“ не преземало мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури во износ од 30.854 илјади денари за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства, стои во Ревизорскиот извештај.

Во 2013 година, посочуваат од ДЗР, Владата со одлука го доделува објектот „Милениумски крст“ на Град Скопје за трајно користење без надомест. Иако Советот на Град Скопје не е сопственик на објектот, донесува одлука за давање на трајно користење на ЈСП „СКОПЈЕ“, што не е во согласност со законските одредби од Законот за локаланата самоуправа и Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и ствари во општинска сопственост. Според договорот, ЈСП „СКОПЈЕ“ се обврзува да го финансира и одржува објектот, како и да го промовира како значајно туристичко место на градот. Во 2014 година, бидејќи објектот е во фаза на градба, ЈСП има потпишано договор за адаптација со вредност од 69.698 илјади денари по принципот „клуч во раце“. Но, поради непредвидени работи, биле склучени: договор за надворешни скали за објектот во вредност од 1.741 илјади денари, два анекси за продолжување на рокот на изведба, рок кој е истечен заклучно со месец јули 2018 година и анекс за непредвидени работи во вкупна вредност од 2.598 илјади денари. Со ревизијата констатирано е дека од 2018 до 2024 година објектот нема технички прием и не е пуштен во употреба, иако дел од него се користи, што доведува до руинирање на објектот и ја загрозува неговата наменска употреба.

Евидентирањето на материјалните средства не се врши врз основа на објективната вредност на земјиштето и зградите по нивна пазарна вредност утврдена со проценка од страна на професионално квалификувани проценители, а не запишувањето на правото на сопственост на градежните објекти и не обезбедувањето потврда на правото на сопственост на јавното претпријатие врз истите влијае на реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и имотот со кој располага претпријатието.

Во насока на обврската за заштита и унапредување на добрата од општ интерес и деловната политика на јавното претпријатие, ревизорите констатирале дека во текот на 2023 година, извршен е отпис на обврски постари од три години во износ од 2.788 илјади денари, за кои не е донесена посебна одлука за отпис од страна на УО. Констатирани се неправилности во начинот на утврдување и пресметка на бруто платата на вработените поради неправилна примена на законските прописи и колективниот договор со кои се регулира начинот на пресметка и исплата на плата и надоместоци на плата.

Поради необезбедена согласност на Годишните планови за вработување на ЈСП „СКОПЈЕ“ од страна на Советот на Град Скопје, потребата од човечки ресурси, јавното претпријатие ја обезбедува со ангажирање на 221 лице даватели на услуги/возачи кои треба да ја вршат основната дејност, во континуитет и за период подолг од две години, за кои во 2023 година се евидентирани расходи во износ од 81.805 илјади денари. Ваквата состојба укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во претпријатието.

Со увид во начинот и постапката на остварување на приходите по основ на давање на користење на земјиште, деловен простор и урбана опрема со кои располага ЈСП „СКОПЈЕ“, ревизијата утврди нетранспарентност во постапките при давање во закуп на недвижните ствари, што влијае на помалку остварени приходи по овој основ. Договорите за изнајмување се склучени без: обезбедена согласност од страна на Советот на Град Скопје, спроведена постапка за електронско јавно наддавање, објaвен јавен повик, формирана комисија и извршена проценка за утврдување на почетната цена за јавно наддавање, се констатира во узвештајот.

-Иако финансиските показателите на ЈСП Турс „СКОПЈЕ“, укажуваат на постоење на материјална неизвесност за способноста на друштвото да продолжи со рентабилно работење во континуитет, ЈСП „СКОПЈЕ“ како основач на ЈСП Турс „СКОПЈЕ“, во континуитет преку позајмици ги покрива редовните трошоци од неговото работење, но истите не се вратени, така што на крајот на 2023 година, по овој основ има искажано побарувања од 21.731 илјади денари.

Остварениот коефициент помеѓу трошокот и приходот по километар за неколку години наназад (графикон бр.2) покажува однос 2:1, односно на 2 денари остварен трошок по километар се остварува 1 денар приход (од превоз) по километар, што има големо влијание на солвентноста и ликвидноста на претпријатието.

Во 2022 и 2023 година вкупните инвестиции во основни средства се движат околу 4.000 илјади денари и се однесуваат на набавка на разна опрема, но не е инвестирано во подобрување на возниот парк, што претставува основа за дејноста на претпријатието. Со состојба на 31.12.2023 година просечната старост на возниот парк изнесува 12,05 години. И покрај субвенционирањето од страна на основачот - Град Скопје во вкупен износ од 673.870 илјади денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП„СКОПЈЕ“ не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје.

-Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на тешкотиите и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, кон обезбедување на континуитет во функционирање на дејноста, подобрување на квалитетот и ефикасноста во извршувањето на јавниот превоз, подигање на еколошките стандарди, односно кон остварување на мисијата на претпријатието, обезбедување на квалитетни, навремени, сигурни и во континуитет услуги. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица, се заклучува во Извештајот на ДЗР за ЈСП Скопје



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2024 02:02