Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска посети клубови за младински активизам и дебата во Неготино, во Неделата на медиумска писменост.
Настанот беше во организација на Младински образовен форум и Американското подвижно катче, а во соработка со регионалното здружение за заштита на природата „Ековита“ од Неготино.
- Целта е да се запознае со младинскиот активизам и активностите и дебатите што се водат во ваквите дебатни клубови во државата, појасни Ристо Савески, претседател на Младински образовен форум.
Како што беше кажано, подвижното катче всушност нуди различни активности и ресурси поврзани со американската култура, што се доближува до младите во земјава.
Локалниот координатор на МОФ за Неготино Кристина Тодорова за МИА изјави дека нивната мисија е да ги инспирираат младите да работат на теми што се од важност за нашата иднина, како што се циркуларната економија, социјалното претприемништво и создавање одржливи заедници.
- Циркуларната економија, како што знаете, е модел што е клучен за заштита на ресурсите и е многу повеќе од едноставно рециклирање, значи повторна реупотреба. Ние ги поттикнуваме младите да размислуваат како идни лидери кои ќе знаат да ја заштитат животната средина, да ги зајакнат локалните заедници и да градат економија што е одржлива. Социјалното претприемништво е уште еден аспект што го поддржуваме. Ние веруваме дека младите можат да создаваат успешни иницијативи што не само што обезбедуваат финансиска стабилност, туку и решаваат општествени проблеми, подвлече Тодорова.
На настанот присуствуваше и градоначалникот Горан Стојанов