- Неодамна, обидувајќи се да договорам продажба и промоција на мојата книга во локална книжарница во Битола, ми кажаа дека престанале да продаваат македонски автори па немало смисла да прават промоција на книги од истите. Бев свесен дека сум влегол во погрешна книжарница и дека повеќето би одговориле позитивно на моето барање, но, изненаден од грубиот однос на сопственикот (и од потреба да излезам од матрицата), се одлучив да направам малку поинаква промоција чија главна цел ќе биде подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори, и продолжив до соседниот ‘Бутик за Алкохол Гермит’ чии сопственици беа поотворени за соработка.

Македонска надреална ситуација во вистинска смисла на зборот, вели Златко Симовски, поранешен вработен на брод за крстарење и автор на книгата „Дневникот на Еден Морепловец“, која е издадена под псевдоним Теодор Кузман, а е напишана за време на 8-месечниот работен договор на брод.

-Мојата порака до читателите, продавачите на книги и издавачките куќи гласи: Поддржете ги македонските автори. Нивните книги можеби не се напишани на изолирани плажи и во планински куќарки, и зад нив не стои огромна маркетиншка машинерија, но произлегуваат од вистината и животот, изјави авторот Симовски.

Веста за промоцијата е пренесена од локален портал каде предизвика интерес, но би сакал оваа моја порака да допре до што повеќе читатели, книжарници и издавачки куќи, додава автор на книгата „Дневникот на Еден Морепловец“, Златко Симовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2024 04:45