Шефицата на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко изјави дека последните мерки на Србија, со кои Белград најави дека ќе ја прошири својата јурисдикција врз Косово, се обид да се покријат претходните неуспеси на срспкиот претседател, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Минатиот понеделник, на 28 октомври, Владата на Србија го прогласи Косово за „посебна област на социјална заштита“ и го усвои предлог-законот со кој се предвидува кривично гонење на оние кои, според Белград, го прогонуваат српското население во Косово. Меѓународниците оваа постапка на Србија ја оценија како кршење на договорите за дијалог и побараа преиспитување на одлуките.

Во синоќешното интервју на приштинската телевизија КТВ, Бисерко рече дека со своите најнови постапки Вучиќ се обидува да ги врати Србите кои ги напуштија косовските институции откако им забрани да учествуваат на изборите.

„Идејата на тоа беше КФОР и ЕУЛЕКС да бидат на север, а Србите да живеат како што живееја. Но, не успеаја затоа што (косовскиот премиер, Албин) Курти ја испрати полицијата таму пред некој да реагира. Затоа, оваа постапка на Вучиќ ја гледам како реакција на новата реалност во Косово“, рече Бисерко.

Според неа, „треба да се има предвид дека Србија или српската елита чека Доналд Трамп да победи на изборите во САД и потоа да прифати некаков нов договор за поделба или нешто слично“.

„Затоа, ова го гледам како маневар за покривање на грешките кои Вучиќ ги направи во минатото кога ги остави Србите без ништо, затоа што не се во институциите, не учествуваа на избори, тие се тотално напуштени и без никакви лидер, затоа што (партијата) Српска листа е надвор од игра, особено по нападот во Бањска. Затоа се случува ова, затоа што дел од националистите го обвинуваат Вучиќ дека го предал Косово и на овој начин тој сака да го покрие овој неуспех со нови реалности што ги создал“, изјави Бисерко.

Српската активистка за човекови права рече дека потезите на Србија претставуваат кршење на Бриселскиот и Охридскиот договор меѓу Приштина и Белград.

На меѓународниот притисок и критиките кон Србија таа гледа како на тест дали Вучиќ е навистина ориентиран кон Европската унија.

„Не сум сигурна како (Вучиќ) ќе продолжи со ова, но претпоставувам дека ќе најде други начини да манипулира. И сите знаат дека манипулира, но како што знаете стратегијата на Западот е да ја оддалечи Србија од руското влијание. Тешко е да се каже колку ќе успеат бидејќи Русија е многу поинаква и во Србија јавното мислење е претежно проруско. И тоа не е само во оваа сфера на политиката, туку и во медиумите, во академијата, во сферата на безбедноста и така натаму“, изјави Бисерко.

Според неа, иднината на најавените мерки од страна на Белград, но и многу други работи, ќе се разбере по изборите во САД.

„Многу е важно кој ќе победи на овие избори бидејќи за прв пат можам да кажам дека двете американски партии имаат многу различен став за тоа каква треба да биде нивната надворешна политика. И оваа работа е многу клучна не само за Америка, која е многу поларизирана, туку и за Европа и поширокиот свет“, рече Бисерко, изразувајќи надеж дека ќе победи демократската кандидатка Камала Харис.

Претседателката на српскиот Хелсиншки комитет го повтори ставот дека Заедницата на општини со српско мнозинство е еден вид поделба на Косово, како што беше направено со Босна и Херцеговина.

Во ингтервјуто за телевизијата на медиумската групација „Коха“, Бисерко ги оцени мерките на Србија, која најави дека „ќе ги гони луѓето кои ги загрозуваат Србите во Косово“, како „театарска претстава“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2024 17:33