Со концерт на пијанистката Даница Стојанова и доделување на наградите на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) вечер ќе биде затворен Фестивалот Златна лира 2024.

Наградата „Златна лира“ која СМУМ ја доделува за врвни уметнички достигнувања во изминатата година, за 2023 година му се доделува на фаготистот Даниел Апостолов, информираа од СМУМ.

Програмата на концертот на Стојанова содржи изведби на дела од Ерик Сати, Јохан Себастијан Бах, Франц Лист, Томислав Зографски, Фредерик Шопен, Енрике Гранадос

Стојанова е реномирана македонска пијанистка со долгогодишна кариера на домашната и меѓународната сцена. Во текот на нејзиното образование, таа се усовршувала на познати академии за музика, работејќи со истакнати пијанистички имиња како Снежана Пановска, Јокут Михаиловиќ, Жени Захариева, Жак Рувие и други. Благодарение на ова, денес е една од најистакнатите професорки по пијано и камерна музика во Македонија.

Како професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Стојанова со своите ученици постигнува значајни успеси на натпревари дома и во странство. Активно ги поддржува младите музичари, помагајќи им со стручно водство и организирање на концерти, а често е член на жири-комисии на реномирани натпревари по пијано и камерна музика.

СМУМ во објавата за наградата посочува дека со особена техничка прецизност, мек и топол тон, умешност во водењето на мелодичните фрази и одмерена агогика, изведбите на Даниел Апостолов неминовно го потенцираат благородниот квалитет на фаготот, поставувајќи на самиот пиедестал.

Роден во Скопје во 1975 година, првите чекори во музиката ги започнал со изучување пијано во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во средното музичко училиште, се определил за фагот, кој го избрал како свој професионален пат. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на вокално-инструменталниот оддел, со највисока оценка 10 (cum laude), како прв студент од дувачкиот оддел со таков успех. По дипломирањето, Апостолов бил примен на постдипломски студии на Музичката академија во Љубљана, каде што бил прв постдипломец на вокално-инструменталниот оддел за фагот. За време на студиите, активно учествувал во концертниот живот на факултетот и бил професионално ангажиран како надворешен соработник во Словенечката филхармонија. Подоцна, во 2002 година, ги завршил и уметничките постдипломски студии во Вирцбург, Германија, кај познатиот фаготист проф. Албрехт Холдер.

Апостолов учествувал на неколку значајни мајсторски курсеви, вклучувајќи ја Летната академија „Моцартеум“ во Салцбург (1995) и фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“ во Либек (1998) кај проф. Клаус Тунеман. Бил и член на интернационални оркестри во Алтенбург (1996) и Бајројт (1998), каде што стекнал драгоцено искуство.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2024 17:42