Министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој е во работна посета на Словенија, денеска се сретна со градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ со кого разменија искуства и позитивни практики од земјите од регионот во насока на подготовка на планираните измени на Законот за локална самоуправа.
Како што информира Министерството за локална самоуправа, Перински и Јанковиќ дискутираа за тоа што содржи визијата на Градот за одржлив развој 2007-2025 година, како Љубљана успева неколкупати да биде прогласена за најзелена европска метропола, кој беше клучен фактор за да се добие тој примат, како е организиран јавниот превоз и системот за одржување на јавната хигиена, како сите овие области се третираат во Законот за локалната самоуправа и како е извршена поделбата на ингеренциите меѓу градот и општините.
- Перински изворно се информираше за несомнено одличното менаџирање на Јанковиќ со главниот град на Словенија, на чие чело е безмалку 20 години и за начинот на неговата комуникација со граѓаните и со централната власт. Разговараа и за тоа како ги надминуваат несогласувањата, за предностите и недостатоците на „затворен град“, како и за начинот на финансирање на проектите и поддршката од ЕУ фондовите, стои во соопштението.
Министерот Перински на средбата, како што се наведува, подетално се информираше и за законското уредување во однос на можноста за отповикување на градоначалник, за успешното намалување на загаденоста на воздухот и покрај специфичната положба на Љубљана, како и за бенефитите и системот на функционирање на комуналната полиција.
- Чест ми беше да се сретнам со градоначалникот Јанковиќ, чиј петти градоначалнички мандат е доволен показател за неговото успешно раководење со Градот. Неговата визија, посветеност, транспарентност и тимска работа во синергија со законската рамка која се темели на потребите на граѓаните гарантираат успех, задоволни граѓани и функционална локална самоуправа. Сметам дека Љубљана е одличен пример за Град од регионот чии искуства треба да ги имаме во предвид и искористиме за наши цели и планови за измените на Законот за локална самоуправа, а во функција на нашите граѓани и Општини, изјавил министерот Перински по средбата.
Министерот Перински одржал работна средба и со Криштоф Млакар, директорот на јавен холдинг „Љубљана“, во чии рамки функционираат и неколку јавни претпријатија задолжени за одржување на јавната хигиена, водоводната мрежа и јавниот превоз, чиишто приоритети при извршување на активностите ги следат развојните и еколошките насоки дефинирани на национално и локално ниво.
- На средбата беше заклучено дека двигател на квалитетот на холдингот е инвестирање во модернизација на инфраструктурата и други ресурси неопходни за обезбедување квалитетни услуги, прилагодени и на потребите на потрошувачите и на можностите на јавните претпријатија, согласно со соодветна законска регулатива, се вели во соопштението.
Министерот Перински вчера го посетил и Регионалниот центар за управување со отпад „Љубљана“ кој е најмодерниот објект за обновување на отпадот во Европа и најдобар пример за регионална соработка во Словенија, кој обединува 56 општини и во кој со иновативна и одржлива технологија се третира отпадот на повеќе од 800 илјади жители. Министерот притоа оценил дека ваков центар му е неопходен на секој град и неопходно е да ги искористиме словенечките искуства за наши цели.