Мнозинството Германци сакаат министерот за одбрана Борис Писториус да се кандидира наместо Олаф Шолц за канцелар од германската Социјалдемократска партија (ГСДП) на следните избори, јави ДПА, повикувајќи се на анкета објавена денеска.
Анкетата, спроведена од Институтот за истражување на јавното мислење „Форза“ за телевизијата Ер Те Ел/Ен Те Фау, покажа дека 57 отсто од испитаниците го посочиле Писториус како фаворит за високата функција, додека Шолц добил поддршка од само 13 отсто.
Дури и меѓу поддржувачите на ГСДП, 58 проценти го поддржаа Писториус, а само 30 проценти го поддржаа Шолц.
Меѓу приврзаниците на партијата на Зелените, единствениот преостанат коалициски партнер на ГСДП по повлекувањето на Слободната демократска партија (ФДП), 66 отсто рекле дека сакаат Писториус да биде кандидат за канцелар на ГСДП. Тој е поддржан и од 70 отсто од поддржувачите на конзервативната алијанса Христијанско-демократска унија/Христијанско-социјална унија.
Истражувањето е спроведено на 7 ноември меѓу 1.181 лице во Германија кои одговориле на прашањето дали го поддржуваат Шолц или Писториус како следен кандидат за канцелар на германската Социјалдемократска партија (ГСДП).