Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, во изминатите десет месеци од годинава произведени се 206.912 мегават часови (MWh) електрична енергија, што е за 5.211 повеќе споредено со истиот период минатата година.
-Во периодот јануари-октомври произведени се 206.912 MWh, што претставува остварување од 78 отсто во однос на планираното годишно производство, со просечна кота на акумулација за октомври 563,31 метри. Вкупниот дотек на вода во енергија, од реките Радика и Црн Дрим за октомври изнесува 9.728 мегават часови, информираа за МИА од ЕСМ.
Додаваат дека во истиот период минатата година биле произведени 201.701 мегавати, со остварување од 76 отсто во однос на планираното годишно производство, со просечна кота на акумулација за октомври 572,48 метри.
-Споредено со ланската година за истиот период, оваа година се произведени за 5.211 MWh повеќе, но со таа разлика што лани котата на акумулацијата на Дебарското Езеро била повисока за 9,17 метри или заклучно со октомври сме имале повеќе акумулирана енергија во акумулацијата за околу 20 илјади MWh во однос на годинава, додаваат од ЕСМ.
Оценуваат дека овој десетмесечен период од годинава е многу идентична со ланската 2023 година, со таа забелешка што резервите на енергија во акумулацијата се 3,540 MWh.
-Новото раководство на ХЕ „Шпилје“, за жал, констатира дека водата од акумулацијата изминатиот период била искористена во преобемна мера, што е случај и со останатите акумулации во сопственост на АД ЕСМ. Последните две години може да ги окарактеризираме како потпросечни хидролошки години, во однос на производството на електрична енергија. Но, исто така, треба да се нагласи дека оваа неповолна хидролошка година е искористена за да се извршат сервисни ремонти на два генератори, од кои ремонтот на генератор 2 е во тек и треба да заврши до средината на наредниот месец, посочуваат од компанијата.
Хидроелектраната „Шпилје“, која заедно со ХЕ „Глобочица“ го сочинуваат ХЕС „Црн Дрим“ на 4 месецов одбележа 55 години од нејзиното ставање во функција, од кога во електроенергетскиот систем испорачала 14.799,19 гигаватчасови електрична енергија