„Денеска заедно со претседателот на Владата, проф. д-р. Христијан Мицкоски сме во посета на Тутунскиот комбинат – Прилеп. Благодарам за топлиот пречек на менаџерскиот тим и посакувам успешна работа во наредниот период“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

„Согласно податоците кои што ги има Министерството преку електронскиот систем за евиденција на тутун ИСЕТ, оваа година се склучени договори за 26.000 тони тутун. Опфатени се околу 16.800 земјоделски стопанства“, појасни министерот.

Тој посочи дека согласно проекциите од теренот и комуникацијата со земјоделските здруженија оваа година се очекува над 10% поголема берба од минатогодишната.

„Очекуваме дека ќе има одличен квалитет оваа година тутунот, пријавени се 298 пунктови ширум Македонија, односно 305 пријавени ваги кои што ќе функционираат наредниот период. Законскиот рок за почеток на откуп е 15-ти ноември, со оглед на тоа дека паѓа петок, најраниот рок за почеток е 18-ти ноември. А, најдоцна согласно Законот за тутун и тутунски производи е 15-ти декември“, заклучи министерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2024 19:10