Мора да се направи долгорочна стратегија со којашто ќе се поддржуваат младите научници и ќе бидат мотивирани да останат во земјава, истакна денеска Рубин Гулабоски, научник и професор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на науката.
Според Гулабоски, „бадијала е целата апартура, опрема ако нема доволно кадар“, а како пример ги посочи акцелераторите во болниците „Осми Септември“ во Скопје и Клиничка болница Штип, кои не можат да се стават во функција бидејќи немало физичари.
-И затоа нема да не има на Шангајската листа. За успесите на нашите ќе слушаме од други медиуми, а овде нема да можеме на некој начин да го издиференцираме потенцијалот на младите. Голем проблем тука лежи и во нас, меѓутоа државата мора да направи долгорочна стратегија за да се спаси нешто во 2050 година, изјави Гулабоски.
Забележа дека главниот проблем во науката е во ресурсите. Не само од финансиски, туку и во поглед на кадарот. Во државата има 5000 научни работници, од кои само 800 се асистенти. Во моментот некои од факултетите на Штипскиот универзитет воопшто немаат асистенти.
Проректорката за наука при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Зденка Стојановска, рече дека постарите професори заминуваат во пензија, а на нивно место не се вработува млад кадар.
-Пред се, да ни дозволи нови вработувања, примање на млади кадри. Тоа е првиот и основен чекор што треба да се преземе, истакна Стојановска, проректор за наука на УГД-Штип.
На денешната свеченост по повод Денот на науката, беше истакнато дека треба да се говори и за Стенфорд-листата, каде годинава има рекорден број на македонски научници, а во првите 10 000 се најде и младиот македонскиот научник Кимет Јусуфи.
На Штипскиот универзитет беа доделени награди и признанија за научен придонес во сите области. Награди беа доделени во четири области со што се потврди трудот на професорите.
-Една од тие мерки е токму вреднувањето и доделувањето награди за научна продуктивност на нашите професори. Денеска, по повод Денот на науката, ќе доделиме награди и признанија на нашите научни работници и на нашите студенти. Наградите се доделуваат за научна цитираност, научна продуктивност во четири области, природни науки, медицински науки, технички науки, општествени и хуманистички науки, посочи Стојановска.
Радува фактот што годинава, за разлика од лани, има пријавено голем број млади кандидати. Тие велат дека предизвиците со кои се соочуваат се големи, но за нив важни се и крајните резултати.
Ванчо Оџиски, млад истражувач од Факултетот за природни и технички науки, порача младите научници да ги користат програмите на Европската Унија.
-Да пратам една порака до сите млади иатражувачите - активно да се вклучуваат во програмите кои ги финасира ЕУ, пред сѐ овде ќе ја потенцирам КОСТ-програмата бидејќи тоа е единствен начин за вмрежување со истражувачите, рече Оџиски.
Ваквата активност на УГД Штип по повод одбележување на Денот на науката се реализира втора година по ред, со тенденција да прерасне во традиција