Со решение на министерот за здравство, за нов вршител на должноста директор на Општа болница со проширена дејност во Дебар е назначен Мерсим Колеци.

Тој е магистер по правни науки, а во оваа установа 18 години ја вршеше функцијата секретар.

- Чест ми е што ми се доверува оваа многу одговорна задача. Ќе дадам се од себе на професионален, човечки и хуман аспект, со единствена цел да ги подигнам здравствените услуги на највисоко ниво. Во исто време максимално ќе се заложам за подобрување на условите и за пациентите и за болничкиот персонал, рече Колеци за МИА.

Се надевам дека ќе ги постигнеме овие цели заедно со белите мантили и другиот персонал во болницата, поддржани од ресорното министерство.

Тој доаѓа на местото на Севдие Коџа, педијатар, која на оваа функција беше назначена на почетокот на месец август годинава. Таа беше условно казнета по кривична пријава за приложување лажен сертификат за познавање на англискиот јазик обезбеден во Бугарија.

Дебарската општа болница, во која се вработени над 170 лица, со здравствена заштита ја покрива и општина Центар Жупа, а во итни случаи дава услуга и за жителите од подрачјето на Долна Река, општина Маврово и Ростуше.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2024 21:51