Системот за контрола на влез во земјите на ЕУ, познат како EES (Entry/Exit System), најпрво ќе биде применет во Холандија, на аеродромите, а потоа и во пристаништата, а следно и во Луксембург до крајот на годината, соопшти денеска Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (НАТАС).

ЕЕС системот подразбира биометриска контрола на патниците при влез во некоја од земјите на ЕУ. Контролата се врши директно на границата, со скенирање на патната исправа, четири прсти и лице, со што веќе нема да се ставаат печати во пасошот.

Се очекува, како што е наведено, дека 25 земји членки на ЕУ ќе го имплементираат системот EES до март 2025 година, иако Романија и Бугарија засега не планираат негово воведување.

Системот ETIAS (European Travel Information and Authorization System) треба да биде воведен, според најавите, во мај 2025 година, а тоа е електронски систем за пријава на патниците кои влегуваат во земјите на ЕУ, кој ќе се врши "онлајн".

Формуларот кој ќе се пополнува, како што е наведено, е едноставен, со внесување на основните податоци од патниот документ и податоци за влезот во земјата на ЕУ (датум, граничен премин).

По пополнување на формуларот, системот го насочува патникот кон платформа за плаќање такса во износ од седум евра.

- Ова ќе биде голем проблем за нашите патници, особено за постарата популација која ретко користи картички за плаќање. Затоа нашата асоцијација успеа да обезбеди помош за патниците кои патуваат преку некоја од нашите туристички агенции, членки, со помош при онлајн аплицирањето, како и плаќање за нашите патници. Потврдата која се добива преку ETIAS системот ќе важи три години, изјавија од NATAS.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2024 02:41