Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер, Рамуш Харадинај предложи по изборите, закажани за 9 февруари 2025, соработка со другите две опозициски партии, Демократската партија на Косово (ПДК) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за функцијата премиер, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното интервју за РТВ21, Харадинај рече дека актуелниот премиер Албин Курти не е опција за таква соработка и предложи ААК, ПДК и ЛДК да ротираат на местото шеф на идната влада.
Според поранешниот премиер, Курти повеќе нема да ја води Владата на Косово по парламентарните избори идниот февруари.
„Курти повеќе нема да биде премиер, веќе нема да владее (партијата на Курти) Движењето самоопределување. Да сум на негово место веќе би имал напишано говор како иден опозиционер. Би испратил сигнали дека нема повеќе да ја држам државата во заложништво“, рече Харадинај.
Тој му порача на Курти да не одолговлекува, бидејќи државата има последици од неговото лошо владеење и тие последици сé повеќе се продлабочуваат.
„Ние немаме друг избор освен да ги санираме овие последици. Поради оваа причина, го барам водењето на Владата, дали по пат на ротација, трите опозициски партии да се договорат, едната една година, другата друга година и третата трета година. Јас барам да ја водам Владата на почетокот на владеењето, за да ги вратам оние доверливи, договорни односи со САД и другите сојузници. Да ги завршам некои тешки работи, а потоа владеењето да биде вообичаено, за економски развој. Додека, останувањето на Курти на власт не е опција, тој дел е завршен“, рече Харадинај.